Комуналното претпријатие од Карбинци со долг од 17 милиони денари
Малите рурални општини ќе бидат најпогодени од енергетската криза. Четирикратното покачување на цената на струјата финансиски ќе ги исцрпи и така скромните и лимитирани општински буџети. ЈКП „Плачковица“ во општина Карбинци, веќе должи 17 милиони денари за неплатена електрична енергија. Градоначалникот Виктор Паунов, смета дека кризата од месец во месец ќе се продлабочува, откако и општината ќе се најде на слободниот пазар за струја.
-Овие потешкотии ќе бидат дополнително отежнувачки за нас како локални самоуправи во следниот период, кога ќе бидеме без договори или кога цената на новите договори ќе биде значително поголема- изјави Виктор Паунов, градоначалник на о.Карбинци.
Паунов е член на УО на ЗЕЛС кои на последната седница донесоа одлука да побараат помош од Владата. Од таму добија одговор дека не можат да се мешаат во либералниот пазар на струја, но се размислува за заштитена цена за помалите потрошувачи.
-Алармот кој цело време го говориме би требало да дојде до државата и институциите за да можеме заеднички ова да го пребродиме. Ние како локални власти сме лимитирани со нашите можности-додаде Паунов.
За сега општина Карбинци не планира да ја покачи цената на комуналните услуги, зашто на тој начин цехот повторно ќе се плати од џепот на граѓаните.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар