Конференција на АДКОМ - како да се подобри работењето на јавните комунални претпријатија
Потребата од регулација на водните услуги и услугите за управување со отпад, постојана транспарентност и комуникација со своите корисници се само мал дел од прашањата кои постојано се исправени пред јавните комунални претпријатија. Заради размена на искуства помеѓу колегите од комуналниот сектор и неопходноста од постојани инвестиции во знаењето и усовршувањето на човечките капацитети, АДКОМ ја организира 11-ата по ред дводневна Меѓународна конференција.
- Јавните претпријатија и учесниците, коишто ги има 250 на број на оваа меѓународна конференција, да се запознаеме со услугите што ги нудат и партнерите, но исто така и експертите кои имаат што да кажат во делот на самата тема „Комуналните услуги во паметните градови“, да се запознаеме со новите технологии, новите начини на работа и принципи, односно, онаму каде треба да се движиме и што е интересот на комуналните прептријатија- изјави Пеце Милевски, Претседател на Здружение на даватели на комунални услуги во РСМ (АДКОМ).
Имплементацијата на законите за заштита на животната средина во голема мера е под ингеренции на локалната самоуправа и комуналниот сектор. Сепак, поради енергетскиот шок и високите сметки за струја, повеќето претпријатија се најдоа на работ на егзистенција и итно им е потребна помош од централната власт.
- Во моментот имаме 2 активни заеми кои ги започнуваме. Едниот ќе помогне на јавните претпријатија во делот на водовод и канализација. Тоа е заем од 50 милиони евра, којшто Владата го зема од Европската инвестициона банка и ќе биде државен заем што нема да ги оптовари општините, односно, ќе го оптовари буџетот на државата која ќе го враќа. Вториот е заемот од ЕБОР кој ќе помогне во делот со управување со отпад, изјави а Каја Шукова, Министерка за животна средина и просторно планирање.
Концептот на „паметен град“ или „Smart city“ не подразбира само инсталирање и ставање во функција на информатичко комуникациска технологија, туку тоа е процес во кој се вклучуваат многу заинтересирани страни.
- Бизнис процесите ќе бидат дизајнирани на тој начин што ќе обезбедат намалување на тршоците, поевтини услуги за граѓаните, зачувување на ресурсите и на крајот на денот, обезбедување на поквалитетни услуги за крајните корисници, а тоа се граѓаните и бизнис секторот-изјави Георги Христов, Советник, Германско друштво за меѓународна соработка (ГИЗ).
Во рамки на конференцијата беше организирана и техничка изложба на апаратура и опрема наменета за работа на комуналниот сектор.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар