Бизнис
12. April 2023 - 19:50

Контроли во 300 субјекти за кршење на замрзнатите цени

Трговците не ги почитуваат владините одлуки да продаваат по замрзнати цени овошје и зеленчук. Пазарниот инспекторат констатирал голем број прекршоци и кај увозниците и кај трговците на големо и мало. За 2 дена направиле над 300 контроли. Повеќе од половината ќе заработат казни. Најдени се и големи количини овошје и зеленчук кои наместо на рафтови, се криеле во магацините.

Владата вчера благо ги корегираше замрзнатите цени на овошјето и зеленчукот, бидејќи увозниците почнале да прикажуваат реални фактури, со повисоки увозни цени од прикажаните. Но граѓаните да не стравуваат, овошје и зеленчук ќе има, вели премиерот.

Владата ќе носи мерки кои ќе обезбедат непречено снабдување на граѓаните по соодветни цени и кои нема да го нарушат пазарот, истакна премиерот Димитар Ковачевски.

Се кројат и законски измени, со кои ќе се зголемат ингеренциите на Пазарниот инспекторат. Од наредната недела ќе може и да ги одземаат количините прозиводи кои трговците ги чувале во магаците, наместо да ги пуштат во продажба, а ќе се зголемат и казните за прекршителите. Во моментов, глобата за непочитување на владината одлука кај увозниците,  бидејќи се работи за субјекти до 50 вработени, изнесува само 1,200 евра.

Да им се излезе во пресрет на граѓаните за празниците, Владата ги замрзна цените на овошјето и зеленчикот. Но наместо да продаваат по тие цени, трговските субјкети ги повлекоа од рафтовите или продолжија да продават по старите.