Македонија
20. December 2023 - 19:58

Контролорите на летање утре ќе решат дали ќе штрајкуваат, Бочварски е убеден дека ќе се откажат

Министерот за транспорт е убеден дека контролорите на летање ќе го откажат најавениот штрајк. Со претседателот на синдикатот имале продуктивен разговор, но конечен договор нема.

На сите прашања се работи во координација со Синдикатот. Остана уште едно прашање на кое вчера дискутиравме. И граѓаните да бидат сигурни дека правиме сè, правиме напори и убеден сум дека контролорите од таа најава ќе отстапат. Тие ќе имаат свој состанок, но по она што го дискутиравме и двајцата заклучивме дека интересот на граѓаните и на државата мора да биде пред сè и над сè“ – Благој Бочварски, министер за транспорт и врски

Синдикатот, пак, засега не отстапува. Членството утре напладне ќе се собере и заеднички ќе реши дали ќе го одржат предупредувачкиот штрајк во понеделник од 10 до 17 часот и потоа повторно уште два дена, од 31 декември до 2 јануари.

Ние немаме проблем со министерот или со некој од Влада. Ние проблем имаме со нашите директори кои не ги почитуваат работите кои беа договорени. Ќе им пренесеме утре на членството и ќе знаеме дали ќе има промена околу цела оваа активност“  - Александар Тасевски, претседател на Синдикатот на контролорите на летање

Најавата за штрајк следи откако раководството на М-НАВ распишало два огласи со критеируми кои, според синдикатот, се спротивни на договорот кој го постигнаа пред три месеца, а кадарот кој сакаат да го вработат не е потребен.

Ако не се поништат огласите, синдикатот најави дека на 25 декември ќе нема полетувања и слетувања на скопскиот и охридскиот аеродром, а за нова година нема да се опслужуваат ниту прелетите.