Loading Video...
Македонија
9. November 2023 - 21:02

Ковачевски од Париз: Наш императив е да го одржиме интегритетот на Охридскиот регион

„Наш императив е да го одржиме интегритетот и автентичноста на Охридскиот регион, во соработка со Центарот за светско наследство на УНЕСКО. И, заедно со Република Албанија да бидеме пример за добрососедска соработка“. Овие пораки ги испрати премиерот Димитар Ковачевски од конференциската говорница денеска во Париз, каде ја започна официјалната посета на УНЕСКО.

Тој потсети дека на 45-тата седница, во септември, Комитетот на УНЕСКО го разгледа Извештајот за состојбата со заштитата на светското, природно и културно наследство на Охридскиот регион и донесе Одлука за зачувување на престижниот статус на светско наследство. 

„Од нашата натамошна засилена соработка ќе зависи имплементацијата на посочените мерки за рехабилитација на Регионот. Темелите за неутрализирање на утврдените и потенцијалните закани се поставени, но потребите за заштита на ова добро бараат голема мобилизација за истото да ја зачува својата исклучителна универзална вредност, како и имплементација на итни мерки кои ќе ги зближат сите засегнати страни и ќе се преземат веднаш. Од оваа говорница, повикувам на сплотеност и одговорност во делувањето на секоја власт“, изјави Ковачевски на денешната прес-конференција.  

Меѓудругото, премиерот во својот говор се осврна и на воените конфликти кои беснеат во Европа и Блискиот Исток. Посочи дека демократскиот систем бил под сериозна закана.

„Ниту една држава, колку и да е моќна и силна, не може сама да се справи со глобалните предизвици на денешнината. Светот е поделен по разни основи. И затоа, демократиите мора да ја зајакнат својата сплотеност и отпорност, независно од географските, демографските, политичките, економските или културолошките разлики меѓу државите. Во интерес на мирот и стабилноста, неопходно е да се најде најмал заеднички именител. Тоа е единствено можно преку инструментите на ефективниот мултилатеризам. Принципите на кои Северна Македонија ја води својата надворешна политика се израз на внатрешната политика на земјата за градење и одржување на мултикултурна демократија и постојана инклузивност на различностите во демократските процеси, заштита и унапредување на човековите права и правата на различните етнички заедници и ранливите групи, порача Ковачевски. 

Претседателот на Владата, придружуван од министерката за култура, остварија средба со генералната директорка на УНЕСКО. 

На средбата се истакна дека Република Северна Македонија оваа година одбележува 30-годишен јубилеј од зачленувањето во оваа организација на Обединетите нации за образование, наука и култура. Во актуелниот глобален културолошки контекст, Северна Македонија е вреден пример на успешна мултиетничка демократија, како држава којашто покажа на дело дека дипломатијата е средство за решавање на предизвиците. И со македонското древно јазично и културно наследство и преку функционалното мултикултурно општество, продолжува да придонесува во мозаикот на различности што ги негува и УНЕСКО, а коишто се карактеристика на заедничкиот свет, било потенцирано на средбата, соопштија од Владата.

На маргините на Конференцијата, министерката Костаиновска-Стојчевска ќе се сретне со својот бугарски колега, министерот за култура, Крастју Крастев.