Лажен лекар успеал со измама да „заработи“ близу 20 000 евра
Претставувајќи се како лекар ортопед, за два дена измамил повозрасни граѓани од Штип и Виница, при што успеал да им земе вкупно 1,13 милиони денари. Жртви на измамата се 77-годишна жена од Штип и нејзин врсник од Виница, при што сценариото во двата случаи било идентично.
Жената од Штип пријавила во СВР дека непознато лице, претставувајќи се како лекар, телефонски ја известило дека нејзината сестра се наоѓа во болница поради скршеница на нога и дека итно е потребна операција со вградување шипка. Под изговор за итна интервенција, од неа биле побарани и одземени 700 илјади денари.
Идентична измама е пријавена и од 77-годишен жител на Виница. Тој вчера се обратил во полиција, откако лажниот лекар од него зел 430 илјади денари, убедувајќи го дека неговата ќерка е хоспитализирана и дека е неопходна итна хируршка интервенција.
- Според пријавеното, лицето телефонски се јавило и се претставило како лекар, информирајќи дека член на семејството е во болница поради скршеница на нога и дека е потребна операција со вградување шипки. По договор, оштетениот во неколку наврати ги оставал парите на договорено место. Откако подоцна бил контактиран од својата ќерка, сфатил дека станува збор за измама, информираат од СВР Штип. ТЕЛОП-СВР Штип
Ваквите измами најчесто ги таргетираат повозрасните лица, кои под притисок на страв и вознемиреност за своите најблиски реагираат импулсивно и без проверка на информациите. Иако сценаријата се менуваат, моделот останува ист – лажно претставување и создавање чувство на итност. Од СВР Штип апелираат граѓаните да бидат внимателни и секој сомнителен повик веднаш да го пријават, додека полицијата интензивно работи на целосно расчистување на двата случаи.
-

Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар
