Лешниците имаат сигурен пласман но тешко се одгледуваат
Ацо Станков од Карбинското село Црвулево, заедно со членовите на неговото семејство, пред 7 години засадил лешникови насади, на површина од 6 декари. За добар род вели, потребни се квалитетни садници, а првата реколта од лешници се очекува после четвртата година. Освен работа, многу труд и желба, најповеќе е потребна вода за наводнување.
- Ако добро го наводнуваш, ако не, нема лешници. Едно дрво лешник годишно бара од 300 до 350 литри вода, зборувам само за едно дрво. Потребно е работа, за да се направи на сите стебла „јамки“, бидејќи немаме систем „капка по капка“и наводнуваме со цистерни. На секои 7 дена се наводнува, колку што можат да примаат вода, изјави Ацо Станков, производител на лешници.
Бербата на лешникот започнува кон крајот на август и почетокот на септември, но и тоа е условено од временските прилики, кои влијаат и врз количината на родот.
- 10 ти август беше лани, зашто беше топла годината, а сега не. Поради тоа што беше премногу ладно, мораше да се чека. Оваа година родот е преполовен, додаде Станков.
По бербата лешниците се чистат и се подготвуваат за сушење. Доброто е тоа што секогаш има сигурен пласман, но цената се прилагодува според џебот на купувачите, а за производителите секогаш треба да биде и повисока.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар