Лицата со инвалидитет бараат да бидат ставени на советничките листи за претстојните локални избори
Лицата со инвалидитет бараат нивни претставници да се најдат на советничките листи на претстојните локални избори. Во изминатите 30 години нема случај инвалидно лице да биде советник во општините и да лобира за решавање на нивните секојдневни проблеми.
- Ова нека биде апел до сите партии, до сите раководства на партиите да размислат за тоа. Не може лице без инвалидност да решава за проблемите на лицата со инвалидност. Тие што секојдневно го чувствуваат тоа ќе донесат најдобар предлог за носење на некоја одлука.“ – изјави Драги Витанов, претседател на Здружението на слепи лица во Штип
Како еклатантен пример за заштита на нивните права, Витанов го посочува примерот кога во Парламентот најнапред беше донесен Закон за лична асистенција на лицата со инвалидитет до крајот на животот, а потоа оваа одлука беше преиначена.
- Дојде до ситуација да некој се јави, се дрзна да предложи, наместо до крајот на животот, лицата да ја користат асистенцијата до 65-тата година од животот, што нема логика. Помошта на лицата е потребна и до 65-тата година, но што ќе правиме со тие луѓе после 65 години. После тоа моравме да интервенираме преку пратениците, моравме да реагираме, па повторно да се врати Законот во првобитната состојба како што бил – додава Витанов.
Кога станува збор за лицата со оштетувања во видот и понатаму „дежурен“ проблем останува инфраструктурата, односно, приспособувањето на улиците и тротоарите за нивно непречено движење, како и кучињата скитници кои се потенцијална опасност по нивниот живот.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар