Македонците со минимална плата можат да купат 19% повеќе храна од пред пет години

Колкава е куповната моќ на Македонците во споредба со Европејците, во услови кога цените на храната растат и во Македонија и низ Европа, а токму храната е една од ставките што најмногу тежат врз семејниот буџет? За пет години, храната и безалкохолните пијалоци во Македонија, според Државниот завод за статистика, поскапеле за 46 проценти, но минималната плата во истиот период пораснала за 74 проценти.
Пресметката покажува дека со една минимална плата во август 2026 година може да се купи околу 19 проценти повеќе храна отколку во август 2021 година. Ваквите бројки можат да бидат охрабрувачки за стандардот на граѓаните.
Слична динамика има и кај просечната плата. Според Државниот завод за статистика, просечната месечна бруто-плата во јули 2026 година достигнала 72.935 денари, наспроти 42.776 денари во јули 2021 година. Тоа е номинален раст од околу 71 процент за пет години. Истовремено, потрошувачките цени во август годинава се за околу 46 проценти повисоки од оние во август 2021 година.
Податоците, оттука, покажуваат дека платите номинално растеле побрзо од цените.
Но, дали тоа значи дека куповната моќ на Македонците растела побрзо или побавно отколку во остатокот од Европа? Анализата на „Еуроњуз бизнис“ покажува големи разлики меѓу европските земји – додека во дел од нив минималните плати значително го надминале растот на цените на храната, во други работниците денес со минимална плата можат да купат помалку храна отколку пред пет години.
Според податоците на Евростат што ги анализира „Еуроњуз бизнис“, цените на храната и безалкохолните пијалоци во Европската Унија во просек се зголемиле за 34 проценти меѓу август 2021 и август 2026 година. Во споредба со европскиот просек, растот од 46 проценти во Македонија е повисок за 12 процентни поени.
Но, разликите меѓу европските земји се големи. Највисок раст во ЕУ е забележан во Унгарија, каде што храната поскапела за 57 проценти, по што следуваат Бугарија со 54 и Романија со 53 проценти.
На другиот крај е Кипар, каде што храната поскапела за 21 процент. Во пошироката споредба на 35 европски земји, најмал раст е регистриран во Швајцарија – само пет проценти.
Меѓу најголемите економии во ЕУ, цените на храната за пет години пораснале за 25 проценти во Франција, 30 проценти во Италија, 34 проценти во Германија и 35 проценти во Шпанија.
Убедливо најголем раст, сепак, има во Турција. Таму храната и безалкохолните пијалоци за пет години поскапеле за дури 752 проценти. „Еуроњуз“ ваквиот раст го поврзува со повеќегодишната висока инфлација, но и со силниот пад на турската лира, што ги зголемило трошоците за увезените производи и производствените инпути.
Врз европските цени на храната во изминатите години влијаеле повеќе фактори. Цените почнале да растат уште пред руската инвазија врз Украина во февруари 2022 година, а војната дополнително ги зголемила трошоците за енергија, ѓубрива и транспорт и предизвикала нарушувања на земјоделските пазари.
Поскапувањето, сепак, е само едната страна од пресметката на куповната моќ. Другата е колку во истиот период се зголемиле примањата. Анализата на „Еуроњуз“ покажува дека во најголем дел од 26-те земји што ги споредува, минималните плати растеле побрзо од цените на храната.
Во Унгарија, на пример, законската минимална плата изразена во локална валута пораснала за 93 проценти, во Германија за 46 проценти, во Шпанија за 29 проценти, а во Франција за 20 проценти.
Уште поголеми зголемувања има во регионот. Во Србија минималната плата пораснала за 103 проценти, а во Црна Гора за 102 проценти. Во Турција растот достигнал дури 823 проценти.
Но, токму тука е важна разликата меѓу номиналниот раст на платата и она што со неа реално може да се купи. Не е доволно едноставно од процентот на раст на платата да се одземе процентот на раст на цените. Наместо тоа, треба да се спореди количината производи што можела да се купи со една плата на почетокот и на крајот на периодот.
Токму според овој показател, односно колку повеќе или помалку храна може да се купи со една минимална плата, се гледаат и најголемите разлики меѓу европските земји.
Најголемото подобрување меѓу земјите анализирани од „Еуроњуз“ е регистрирано во Србија и Црна Гора – по 37 проценти, што е повисоко од Македонија. Но, македонскиот раст од 19 проценти е повисок од оној во повеќе западноевропски земји.
Куповната моќ на минималната плата во однос на храната за пет години се зголемила за 10 проценти во Ирска, девет проценти во Германија, седум проценти во Грција, шест проценти во Белгија и Холандија и три проценти во Португалија.
Растот на платите, пак, не успеал секаде да го надомести поскапувањето на храната. Во три од 26-те земји што ги анализира „Еуроњуз“, работниците на минимална плата изгубиле куповна моќ во однос на храната во споредба со 2021 година. Најголем пад е регистриран во Малта – шест проценти. Работник кој во август 2021 година можел да купи 100 условни кошнички храна, во август годинава со минималната плата може да купи 94.
Во Шпанија куповната моќ во однос на храната се намалила за пет проценти, а во Франција за четири проценти.
Сепак, самата анализа на „Еуроњуз“ има важно ограничување: таа споредува бруто минимални плати и цени на храната, без да ги земе предвид даноците, кириите, сметките, транспортот и другите трошоци за живот. Затоа не покажува колку пари реално му остануваат на едно домаќинство за храна откако ќе ги плати останатите задолжителни трошоци.
МИА
Ново на Сител
-

Тема на денот со Петар Арсовски, политички аналитичар
-

РKE размислува за повеќе евтина струја преку ден и за викенд, нов модел подготвува и за гасот
-

Секој жител во земјава годишно фрла по 86 килограми храна
-

Преглед на вестите од светот
-

Фон дер Лајен во Скопје со совет за деблокада на процесот со Бугарија
-

СДСМ смета дека се потврдиле стравувањата
-

Судот му одреди 30 дневен притвор на Дејан Јованов за новата истрага за поткуп
-

Директор во Лотарија обвинителството го прогласи за непријателски сведок
