Македонија, Србија, Грција и Бугарија ги интензивираат регионалните енергетски врски и новите коридори за снабдување

Сигурноста на снабдувањето со енергенси (струја, природен гас, нафта) и координацијата на планираните проектни активности за подобрување на отпорноста и флексибилноста на електроенергетските системи, се во фокусот на денешниот втор министерски самит за енергетика што се одржува во Белград.
Самитот почна со пленарен состанок на делегациите од Македонија, Србија, Бугарија и Грција, предводени од ресорните министри, Сања Божиновска, Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ, Ива Петрова и Ставрос Папаставру.
Искористување на гасниот интерконектор Бугарија - Србија, развој на Вертикалниот гасен коридор, пристап на Србија и Македонија до капацитетите за ЛНГ (течен природен гас) во Грција (при што Александруполис ќе служи како регионална влезна точка), координација на капацитетите и режимите на работа меѓу операторите на преносните системи, заеднички механизми во случај на криза со снабдувањето со гас, планирање на гасната инфраструктура со оглед на идната употреба на водород и обновливи гасови, како и заедничка или координирана набавка на гас, се само некои од темите на состанокот.
Според агендата, ќе стане збор и за потенцијална рута за југоисточен центар (хаб) на националниот систем на нафтоводи, долж рутата Солун – Скопје – Ниш, но и за можноста за поврзување на Србија преку Македонија, со енергетската инфраструктура и пристаништето во Солун.
Се очекува министрите да разменат и информации за достапноста на енергија во текот на претстојната зимска сезона, за потенцијалот за размена на електрична енергија и подготвеноста на преносните системи (особено во светло на предизвиците искусени во текот на летото), за планираните проекти за обновлива енергија, развојот на преносната мрежа и проектите за складирање енергија (батерии и реверзибилни хидроелектрани) за кои се разговараше на 15 мај во Атина (на првиот самит), за проблемите со високиот напон во регионот – инсталирање компензатор во трансформаторската станица (трафостаницата) „Врање 4“ до крајот на годината, како и за високите нивоа на оптоварување на регионалната преносна мрежа на 12 септември 2026 година.
По состанокот е предвидено да се одржи заедничка прес-конференција.
МИА
Ново на Сител
-

„Подготовка за поширока ЕУ“ – Кос ги претстави петте измени во начинот на одлучување
-

Тема на денот со Фатмир Битиќи, пратеник на СДСМ
-

Во Македонија меѓу себе се бараат околу 90 илјади лица
-

Привремено одложена имунизацијата со БСЖ вакцината против туберкулоза поради несакани реакции во Хрватска
-

Остри реакции по најавата на Комората за кратење на празниците - против и МПЦ-ОА
-

Правилникот за боледување усвоен на УО на ФЗО - нема кратење на денови туку промена на медицинските критериуми
-

Мицкоски: Нема зголемување на старосната граница за пензионирање, ниту на придонесите
-

Светска банка ја зголеми прогнозата за растот на македонската економија на 3,2 отсто
