Македонската армија на 108 место по моќност на Армија во рангирањето на „Глобал Фајрпауер“
108 место. Вака е рангирана Македонија по моќност на армијата, во конкуренција со други 144 држави во анализата на „Глобал Фајрпауер“. Во друштво сме на Гана и Киргистан. Нашата земја по седмипат учествува во ова рангирање, а низ годините, ова е наш најдобар пласман.
Иако сме членка на НАТО повеќе од 3 години, македонската армија досега не искусила како е да се биде пласиран во топ 100 најспремни армии во светот. Најниско рангирани сме биле минатата година, кога се закитивме со 135-тото место. Годинава повторно припаѓаме во групата на последните четириесеттина рангирани армии во светот.
Експертите го поздравуваат годинешниот ранг, велат дека ова е голем напредок за државата.
Според експертот за безбедност Милан Стефановски врз моќноста на нашата армија не влијаело тоа што сме донирале воена опрема на Украина.
Највисоко пласирана од регионот е грчката армија. 58-то и 59-место го заземаа Србија и Бугарија. И Словенија и Албанија имаат поспремна армија од Македонија. Послаба моќност на армија од македонската, во регионот, има Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косово.
Интернет-страницата „Глобал Фајрпауер“ ги рангира најмоќните армии во светот по повеќе карактеристики како воена моќ, финансии, логистика, големина и сила на војската. Листата е направена врз база на конвенционалното оружје, а нуклеарните капацитети на државите се изоставени. Најголема моќ има армијата на САД, а веднаш зад неа се Русија и Кина.
-
Габриела Лескова
Сите содржини од овој новинар
