Марковски: Вештачењето нарачано од одбраната на Јованов е селективно и со сериозни методолошки пропусти

Со осврт на опфатот и методолошкиот пристап во вештачењата изработени од Петре Русески, Василка Каевска и Инает Дани, како и на усното излагање на вештото лице Петре Русески, денеска продолжи судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во судницата во затворот „Идризово“ при Основниот кривичен суд Скопје.
Вештото лице од Градежниот факултет при УКИМ, Горан Марковски, во своето излагање изнесе низа забелешки за методологијата и опфатот на вештачењата на Русески оценувајќи дека во нив има селективен пристап, изоставување релевантни факти и навлегување во области за кои, како што посочи, вештото лице се изјаснило дека нема стручност.
- Постојат сериозни разлики во методологијата на изработка меѓу нашето вештачење, во кое без никаква задршка и калкулации изнесуваме јасни ставови и ги покриваме сите релевантни и суштествени стручни урбанистички, градежни и противпожарни аспекти поврзани со настанот од 16 март 2025 година, и вештачењата на господинот Русески, во кои провејуваат нагласена селективност, своевидна инженерска алхемија и, потенцирам, стручна самодисквалификација - рече Марковски.
Посочи дека во едно од вештачењата биле поставени 24 конкретни прашања, но биле дадени одговори на 23, некои од прашањата и воопшто не биле пренесени во налогот, други биле изменети или преформулирани, а во самиот наод се појавувале и прашања што не биле поставени во барањето за вештачење.
Марковски особено се осврна на анализата на противпожарната заштита и на градежните материјали употребени во објектот посочувајќим дека Русески се оградил од стручност во оваа област, но истовремено анализирал детали што, според него, не се од суштинско значење, а не дал соодветни одговори за својствата и безбедноста на материјалите употребени во дискотеката.
- Ова прашање воопшто не беше дали инвеститорот може самостојно или стручно да одлучува, туку прашањето беше стручното лице од областа на градежништвото да се произнесе за безбедното или небезбедното користење вакви материјали во таков простор. Во анализата на противпожарната заштита во вештачењето провејуваат две крајно спротивставени позиции: од една страна, вештакот се повлекува и се заштитува со прогласување за нестручен во оваа област, а од друга, се впушта во детектирање и образложување некои ситни детали, кои воопшто немаат битно значење во овој случај. Се премолчуваат фактите за вградените материјали, како што се сунѓерот, полиуретанскиот сунѓер, декоративниот лим и други материјали, односно не се коментираат, ниту се дава одговор на прашањата за нивниот квалитет, можноста за употреба и влијанието што го имале врз критичниот настан. Наместо тоа, на прашањето се одговара: „Инвеститорот, како корисник на просторот, не може самостојно и стручно да ја утврдува класата на реакција на пожар и класата на материјалите“ - нагласи Марковски.
Како спорен го посочи и заклучокот во вештачењето дека во критичната вечер била обезбедена соодветна вентилација во дискотеката оценувајќи дека таква констатација не може да се изнесе без соодветни докази.
Марковски забележа и дека не била направена целосна анализа на релевантната стручна документација и доказите, вклучително и вештачењата на Одделот за форензички испитувања при МВР и на стручни лица од Природно-математичкиот факултет.
Во однос на минимално-техничките услови, Марковски рече дека исполнетоста била констатирана исклучиво врз основа на извештај од пазарен инспектор од 2012 година, без самостојна инженерска проверка дали објектот ги исполнувал пропишаните услови во периодот пред пожарот.
Се осврна и на промените во објектот, меѓу кои изградбата на челичните галерии, поставувањето челични греди и столбови, затворањето на прозорците со декоративен лим, поставувањето полиуретански сунѓер на плафонот и измените во инсталациите.
- Русески целосно ги занемарува конкретните интервенции во објектот, како што се изведбата на челичните галерии, со кои се променила и корисната нето-површина на објектот, а со тоа и капацитетот на посетители; изведувањето челични греди и столбови на приземјето на објектот, со кои се интервенирало во конструктивниот систем; затворањето и заѕидувањето на прозорците со челичен пластифициран декоративен лим; поставувањето полиуретански сунѓер на плафонот; измените во инсталациите итн. Кога самото вешто лице признава дека нема стручност за противпожарна заштита, тогаш не може таа стручна празнина да ја надомести со категоричен заклучок дека зафатите биле само внатрешно, односно ентериерно уредување - рече Марковски.
Во продолжение на излагањето тој ја оспори и тезата дека Законот за градењето се однесува само на изградба на нови објекти наведувајќи дека тој го уредува целиот животен век на објектот, вклучително и неговата употреба, одржувањето и измените во текот на експлоатацијата.
Марковски ја доведе во прашање и констатацијата за неповрзаноста на класите на намена дефинирани во деталниот урбанистички план со намената на објектот утврдена со Законот за градењето посочувајќи го решението за услови за градба од 1999 година, во кое објектот бил означен како деловно-производствено-продажен.
Пред излагањето на Марковски, Јавното обвинителство на почетокот на рочиштето изнесе забелешки во врска со предлогот за вештачење од Мирослав Грчев и начинот на кој дел од одбраната планира да ги изведе доказите.
Обвинителството оцени дека постојат тенденции за одолжување на постапката и се спротивстави на можноста вештите лица да се произнесуваат пред судот да донесе одлука за нивниот ангажман, како и на евентуално усогласување на нивните наоди.
- Јавното обвинителство нема да се согласи во овој момент вештите лица да се произнесуваат, а особено не смее да се дозволи усогласување бидејќи такво нешто законот не познава - беше наведено во излагањето на Обвинителството.
Од Обвинителството отворија и прашање за можната поврзаност на ангажирањето одредени вешти лица од страна на дел од одбраната со претходни настани и заеднички вештачења оценувајќи дека тоа е прашање што заслужува одговор во постапката.
Забелешки беа изнесени и за предлозите за сведоци, при што Обвинителството побара листите со предложени сведоци и околностите за кои треба да бидат сослушани да им бидат достапни на сите учесници во постапката за да може соодветно да се подготват за испитувањето.
Одбраната, од своја страна, посочи дека редоследот на изведување на доказите досега бил менуван со согласност на странките и дека Обвинителството претходно не се спротивставило на договорениот начин на изведување на вештачењата. Беше наведено дека секоја одбрана самостојно ја конципира својата теорија и начин на одбрана.
Во однос на сведоците, одбраната посочи дека предложените 16 лица се однесуваат на разни околности и дека меѓу нив има лица од Општина Кочани, МВР, противпожарната служба и лица што учествувале во внатрешното уредување на објектот.
Судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.
Процесот почна на 19 ноември 2025 година, осум месеци по пожарот што се случи на 16 март 2025 година за време на настапот на групата ДНК, во кој животот го загубија 63 лица, а над 200 беа повредени.
МИА
Ново на Сител
-

Надзорна расправа за работењето на Алта банка
-

Здравствените домови во Југоистокот добиваат нова опрема и амбулантни возила
-

Старите занаети изумираат
-

Преглед на вестите од светот
-

Утре надзорна расправа за Алта банка во Собрание
-

Почна расправата за Законот за јавни набавки
-

Тема на денот со Венко Филипче, претседател на СДСМ
-

Над 30 члена брои листата поканети говорници на надзорната комисија за Алта банка
