Македонија
30. January 2026 - 16:35

Матичните гинеколози бараат од МЗ и ФЗО јасно дефинирање на услугите за пациентките кои ги покрива државата

Точно да се знае кои здравствени услуги и на колку време бесплатно можат да ги добијат пациентките од својот матичен гинеколог, бараат од Здружението на приватни гинеколози и акушери. Тие посочија дека сега имало различни толкувања и хаотична состојба, а одговорноста неправедно била префрлена кон нив. Од пред министерството за здравство ги повикаа надлежните од МЗ и Фондот да се доизготват клинички упатства според европски стандарди и да се ревидира постоечкиот од пред 20 години договор за имплементација на сетот услуги покриени од државата. 

- Недефинирани се стандардите за бројот на потребни прегледи, индикациите за прегледи. Прегледи има многу на барање на пациентките, надвор од стандардите. Постојат медиумски промоции дека сите прегледи се бесплатни, а оваа правна и договорна нејасност со години создава рачни толкувања и ја става одговорноста неправедно врз лекарите, изјави д-р Георги Костадинов, од Здружението на приватните гинеколози и акушери.

- Да ги дефинираат тие сет на услуги, рече д-р Оливера Арнаудова, од Здружението на приватните гинеколози и акушери.

Од Министерството за здравство одговорија дека се во постојана координација и комуникација со ФЗО и стручните здруженија, со цел заеднички да изнајдеме најоптимално решение за унапредување на гинеколошко-акушерската здравствена заштита на примарно ниво. 

- Потенцираме дека упатствата за медицина базирана на докази континуирано се ревидираат и обновуваат, следејќи ги современите текови во медицината, така што и во конкретниот случај стручните служби ќе ги разгледаат сите аспекти, согласно барањето на Здружението на матични гинеколози и акушери на Македонија, велат од здравство.

Пред Нова година од Фондот и УЈП на прес конференција посочија дека од 50-тина контролирани ординации на матични гинеколози кај половината утврдиле неправилности, односно на пациентки им биле наплаќани ПАП тест, ЕХО и други услуги покриени од државата.

Од Здружението, денеска пак ги повикаа министерството и Фондот на дијалог и изнаоѓање решение, во спротивно не ја исклучуваат можноста и за протест.