Македонија
1. September 2022 - 16:33

Матичните лекари изненадени од игнорантскиот однос на здравствените власти - повисока капитација или штрајк

Наместо игнорантски однос од страна на министерот за здравство пред најавениот три дневен протест, од здружението на матични лекари очекуваат Беким Сали да застане зад нив во остварување на долгогодишните барања меѓу кои и зголемување на капитацијата поради растот на трошоците за живот.

-Многу очекуваме, дадовме максимална подршка, значи министерот рамо до рамо треба да е со нас, бидејќи он е примарец и очекувањата се кога ќе дојде министер од примарното здравство дека ќе направи нешто за примарното здравство, се уштре во надеж живееме дека нешто до недела ќе се слуќи во спротивно, рецепти, упати притисок ќе се врши како што другите фели што вршеа притисок па добија нешто, изјави д-р Лилија Чолакова Дервишова, претседател на ЗПЛРМ.

Беким Сали вчера изјави дека не го подржува протестот на матичните бидејќи пациентите не смеат да трпат поради незадоволството на лекарите и повика проблемите да се решаваат на маса. Од ЗПЛРМ одговорија дека со нивните барања го запознале уште пред повеќе од 6 месеци, а за истото многу пати разговарале и со неговите претходници.

-Културно ги побаравме нашите барања и ги аргументиравме со факти, ги лоциравме проблемите, понудивме решенија и за сето тоа е толку многу време и простор оставено, така да колегите се револтирани. Замолуваме да ни кажат зошто не игнорираат, која е вистинската причина, праша д-р Чолакова Дервишова.

Здружението на матични лекари донесе одлука за тридневен протест од понеделник до среда. Ќе бидат на работните места, ама нема да издаваат упати и рецепти.

Годинава ова е четврти протест на лекарите од примарното здравство.