Македонија
8. May 2025 - 16:33

Медицинска опрема вредна 13 милиони евра не се користи и скапува во подруми утврди ДЗР

Дури 32 проценти од скапата медицинска опрема во јавното здравство не се користи доволно или “фаќа” прашина во подруми. Државниот завод за ревизија утврдил дека поради необезбедени кадровски и просторни услови набавените апарати во вредност од 13 милиони евра воопшто не биле ставени во функција, а други кои се платени 5,5 милиони евра не се користат во полн капацитет. Станува збор за компјутерска томографија, ангиографи, акцелератори, мамографија, ПЕТ/КТ скенер – дијагностички процедури за кои многу тешко се доаѓа до термин. 

Анализата на ДЗР која се однесува на 3 годишен период од 2021-2023 –та покажува дека од 9 скапо платени акцелератори за зрачна терапија на онколошки пациенти кои чинат речиси 22 милиони евра, 5 воопшто не се ставени во функција два на Онкологија, и по еден во ГОБ “8 септември” и Клиничките болници во Штип и Битола.

- Иако се набавени акцелератори и за други ЈЗУ, сите услуги во периодот 2021–2023 година ги обезбедува единствено Клиниката за радиотерапија и онкологија, каде се третираат над 2.300 пациенти годишно, односно просечно се вршат околу 200 зрачни третмани на ден. Централизацијата на услугата доведува до преоптовареност на установата и персоналот, што може да влијае на континуитетот и квалитетот на третманот на пациентите, се наведува во извештајот.

Директорот на ФЗО вели дека ова е резултат на непланска набавка на опрема години наназад и најавува подобро планирање за поголемо искористување на истата во иднина.

- Еден од акцелераторите на Онкологија веќе е ставен во функција. Се надеваме дела дел од таа опрема ќе биде искористена. Во иднина потребно е подобро планирање при набавка на опрема со човечки и технички ресурси за таа опрема соодветно да се користи, изјави Сашо Клековски, директор на ФЗО.

Исто така во извештајот на ДЗР е забележано дека поради недостиг на стручен кадар и соодветни услови не доволно се користат и 18-те ангиографи платени близу 13 милиони евра. Поради истите проблеми не се ставени во функција ниту двата компјутерски томографи во Тетово и Кочани, додека во некои болници ваквите апарати се преоптоварени, а половината се целосно амортизирани и има зголемени трошоци поради честите дефекти.

Ревизорите констатирале дека недоволно се користи и опремата во единствениот ПЕТ Центар каде се врши дијагностика за рано откривање на малигни заболувања, а пациенти со месеци чекаат термини.

- Во текот на тригодишниот период, реализирани се 6.457 снимања, со просек од околу 180 пациенти месечно. Снимањата се вршат со само еден ПЕТ/КТ скенер, со што не се користат целосно капацитетите на Циклотронот, кој може да произведе изотопи за поголем број снимања, посочуваат од ДЗР.

Ревизорите утврдиле дека во “Мој термин” нема реални податоци за користењето на апаратот робот вреден скоро милион евра набавен од Клиниката за физикална медицина. Имало прикажано помалку услуги кон фондот и ненаплатена партиципација во износ од близу 250.000 евра.

Во извештајот е посочено и дека нефункционалната опрема вклучително и таа која е радиоактивна се уште е во подрумите на клиниките и болниците и претставуваат потенцијална опасност.