Македонија
23. August 2025 - 16:36

Заврши рехабилитацијата на повредените од „Пулс“ на Пониква

Заврши рехабилитација на повредените во дискотеката „Пулс“, во одмаралиштето на МВР на Пониква. Во текот на летниот период, над 150 повредени млади луѓе во 4 смени од по две недели, добија медицинска, физикална и психолошка поддршка.

За лекарскиот надзор се грижеа лекари специјалисти од Клиниката за пластична хирургија во Скопје и физиотерапевти и физијатри од Кочани и Штип.

-Добивме максимум од секој пациент. Имаме добри резултати, кај дел од пациентите кои се полесно повредени функциите се враќат во нормала, тие што имат посериозни повреди кај нив процесот на заздравуваање е побавен. Меѓутоа, најважно од се е што процесот на рехабилитација кај сите пациенти оди во нагорна линија,  изјави д-р Никола Костадиновски, специјалист физијатар во Клиничка болница, Штип.

Со лекување и интензивни физикални вежби ќе се продолжи во штипската и кочанска болница.

Персоналот кој работи со повредените претходно помина и шестнеделна обука со англиската Организација за ургентна медицина  интернационален тим кој е единствен и сертифициран на светско ниво за обезбедување тренинг за рехабилитација на пациенти со тешки изгореници. 

-Сега продолжуваме со рехабилитација во Општа болница во Кочани и во Клиничка болница, Штип. Моментално во Штип, имааме шестмина пациенти, но со затвараање на Пониква, се очекува бројот да се зголеми, додека во болницата во Кочани, бројот на пациенти ќе биде многу поголем, додаде Костадиновски.

Родителите на загинатите во пожарот, во придружба на роднини, пријатели  и граѓаните на Кочани, за попладне со почеток  во 18.05 минути, закажаа уште еден „Марш на ангелите“, на кој по 19-ти пат ќе побараат одговорност од институциите за трагедијата која однесе 62 млади животи.