Мицкоски: Охрабрени сме од пораките од Фон дер Лајен, но не и од ставот за уставните измени

Премиерот Христијан Мицкоски денеска ја оцени вчерашната средба со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен како исклучително пријателска, корисна и содржајна, нагласувајќи дека таа можеби ќе биде клучна за некои процеси во иднина, иако како што рече не е задоволен од пораките во однос на уставните измени.
- Средбата би ја оценил како исклучително пријателска, корисна, содржајна и ценам дека можеби и ќе биде клучна за некои процеси во иднина. Тие процеси очекувам да почнат веќе следната недела, откако веќе Министерството за надворешни работи и надворешна трговија достави барање до колегите од нашиот источен сосед за билатерална средба. Од друга страна, не можам да кажам дека сум задоволен од пораките коишто ги испрати претседателката. Таа јасно кажа дека стои на маса промената на Уставот, работа којашто е прифатена од претходната влада - рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање по извршениот увид на градежни активности на мостот што се гради на улица „Љубљанска“ во Општина Карпош.
Тој ја обвини претходната коалиција предводена од СДСМ и ДУИ дека во отсуство на креативност и предлози за надминување на состојбата, се обидува „преку лаги и измислици“ да испраќа пораки дека актуелната Влада ќе ја промени преговарачката рамка.
Мицкоски најави дека Владата ќе продолжи со активностите и порача, но како што додаде потребно е време и трпение. Ова се процеси кога имате квислинзи коишто распродаваат и патриотска Влада којашто си ја сака државата, којашто треба да го врати тоа што квислинзите го распродале - рече Мицкоски.
Тој се осврна и на поранешните коалициони партнери, посочувајќи дека мисли на СДСМ, додека за ДУИ рече дека „тоа не ги интересирало, ниту имале било какви чувства кога постигнувале било каков договор таму“.
Според Мицкоски, пораките од Фон дер Лајен сепак создаваат чувство на охрабрување, особено пораката дека личниот ангажман на Владата и споредбата на реформите покажуваат дека земјава е најдобра во регионот.
-Постепената или градуална интеграција е исто така шанса за нас. Сето ова нè охрабрува и нè мотивира да продолжиме по патот на реформите во периодот којшто следи. Јас во ноември месец двапати имам закажано патување во Брисел, првиот кај еврокомесарката за проширување и добрососедска политика, вториот е настан оној регионален самит којшто го имаме со Европската Унија и Западен Балкан. Така што, ќе се бориме. Нема предавање, ќе се бориме, не е лесно, премногу испопродадоа овие претходно, премногу испоуништија, премногу испокрадоа, но не се откажуваме. Украденото ќе го вратиме, тоа што е распродадено ќе се бориме да го повратиме. Тоа е задачата на оваа генерација - истакна премиерот.
Во однос на најавената билатерална средба со бугарската страна, на новинарско прашање дали има повратна информација и што очекува од средбата, како и што би се случило доколку таа биде одбиена, Мицкоски рече дека во таков случај „уште еднаш ќе се потврдат сите оние тези коишто ние ги имаме и за што сме загрижени“, но додаде дека не го очекува тоа.
-Не очекувам, не би било паметно да одбијат, но во ред, тоа е нивна суверена одлука, не е тоа наша одлука. Јас добив, би рекол, конструктивен совет од страна на претседателката, да го замолам министерот за надворешни работи и надворешна трговија да побара средба на маргините на состанокот повод Коридорот 8. Јас тоа го сторив, бидејќи ценам дека претседателката апсолутно беше во право кога го предложи тоа. Министерот побара, сега останува на нашиот источен сосед да одлучи што понатаму - истакна Мицкоски.
МИА
Ново на Сител
-

Преглед на вестите од светот
-

Реакции на посетата на Фон дер Лајен
-

Останките на Цар Самоил пренесени во Софија
-

Горивата поевтинуваат од следната недела, се преговара со ОКТА за дополнителен попуст
-

Минчев од Националната академија за јавна администрација на Италија
-

Продолжува пензионерскиот „бунт“ во Свети Николе
-

Меморијален турнир во чест на загинатите бранители
-

Мостот на Љубљанска готов до крајот на годината
