Мицкоски за нон-пејперот на Кос: Наше е да работиме за полноправно членство во ЕУ
Македонската влада ќе го чека нон-пејперот на Кос, со кој еврокомесарката ќе се обиде да го олесни зачленувањето во Унијата, а потоа ќе се произнесе по него. Според најавите, со документот се предвидува членство во Унијата за новите држави, но без право на глас, со цел да се заобиколат можните вета за полноправно членство.
Во меѓувреме, премиерот Мицкоски вели дека државата пред сè треба да работи на полноправно членство, а проблемот со Бугарија да се надмине преку дијалог и прифатливо решение.
Доказ дека се спроведуваат реформи, според Мицкоски, е и последната одлука на Советот на Европа за завршување на постмониторинг-дијалогот со оваа институција, нешто што досега не го направила ниту една држава од Западен Балкан.
Опозициската СДСМ, пак, тврди дека во државата се спроведува анти-ЕУ политика и дека реформите не се вистински или целосни.
„Како ќе реагира ЕУ по толку вложени средства за да ѝ помогне на Македонија на патот на интеграциите, кога ќе види усвоен закон за правосудство што не е во согласност со препораките на ЕУ и кога ќе види дека Мицкоски ги поставува сопругите на своите колеги од ВМРО за судии и обвинители? Дали ова е патот по кој Македонија ќе оди – кон интеграција или кон изолација?“, велат од СДСМ.
Европската комисија во последниот Извештај за Македонија нотираше сериозни слабости во правосудството, борбата против корупцијата, слободата на медиумите и во работењето на Собранието. Наместо реформи, Владата намерно отвора кавги со соседите за да ја оправда изолацијата и да ги блокира преговорите.
Се води анти-ЕУ кампања со обвинувања дека Европа е виновна, реагираат социјалдемократите.
Кос го најави нон-пејперот за ревизија на политиката на проширување на Унијата уште во октомври, а тој треба да биде објавен во февруари или март.
Директен повод за документот е прашањето за членството на Украина, откако Унгарија најави вето за Киев, но тој ќе се однесува и на државите од Западен Балкан.
Сепак, украинскиот претседател Зеленски веќе го одби предлогот за асоцијативно, наместо полноправно членство. Црна Гора, која е најнапред во процесот и се надева на членство во 2028 година, смета дека нема потреба од ревизија на правилата за проширување.
Албанија, пак, и покрај тоа што ги започна преговорите, оценува дека алтернативното членство е добра опција.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар
