Македонија
30. July 2025 - 18:12

Министерот Тошковски присуствуваше на отпочнување на процесот за полагање на испит за ракување со оружје

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски денеска во Центарот за обука на кадри од безбедноста на МВР во Идризово присуствуваше на отпочнувањето на процесот на полагање на теоретскиот дел од стручниот испит за ракување со оружје.

-Со измените на Законот за оружје овозможивме Министерството за внатрешни работи да го спроведе овој дел од стручниот испит со што апликантите си го остваруваат своето право на полагање, нешто што беше во прекин речиси две години и не можеше да се спроведе од овластено правно лице, истакнал министерот Тошковски.

Како што информираат од прес-службата на Министерството, практично, во наредните неколку недели согласно динамиката утврдена во рамки на активностите на надлежните служби во МВР, односно Одделот за граѓански работи над 1.000 лица ќе ги минат предвидените стручни тестирања.

Како што нагласил министерот Тошковски, со ова се заокружува еден процес на имплементација на најитните реформи од оваа област со кои беа засегнати повеќе страни и лица. 

 

МИА