Моќните странски гиганти ја „омекнуваат“ строгата регулатива на ЕУ
Европската унија во изминативе децении изгради имиџ на регулаторна суперсила, која ширум светот ги промовираше своите правила и стандарди утврдени со, според многумина, премногу сложените и бирократски законски акти, директиви и регулативи.
Но, промените во глобални рамки во последниве неколку години резултираа со „омекнување“ на ЕУ во барањето за строго почитување на нејзината регулатива, пред се како резултат на притисоците и влијанието на моќните меѓународни политички и бизнис играчи.
Последно во низата на вакви притисоци е барањето на американскиот технолошки гигант „Епл“ упатено во четвртокот до Европската Унија за укинување на нејзиниот Закон за дигитални пазари (ДМА).
Во барањето на „Епл“ се тврди дека овој Закон предизвикува „безбедносни ризици“ и создава „лоши искуства“ за потрошувачите. – ДМА треба да биде укинат додека не се воспостави посоодветен законски инструмент што ќе биде во согласност со неговата намена, побара „Епл“.
На ова Европската комисијата одговори уште истиот ден преку својот портпарол за технолошки суверенитет Тома Рение, кој изјави дека не се изненадени од барањето на „Епл“, имајќи предвид дека компанијата го оспорувала секој дел од Законот уште од неговото стапување во сила.
– Можам да ве уверам дека Комисијата нема апсолутно никаква намера да го укине ДМА, истакна Рение, додавајќи дека барањето го поткопува наративот на компанијата дека сака целосно да соработува со Комисијата.
„Епл“ беше првата компанија на која Еврокомисијата во април годинава и изрече казна поради непочитување на одредби од ДМА, а покрена и прашања во врска со усогласеноста на технолошкиот гигант и со други обврски од овој и од Законот за дигитални услуги (ДСА). Последно во низата беше барањето на Европската комисија до „Епл“, но и до „Гугл“, „Мајкрософт“ и „Букинг“ да и достават појаснувања за мерките што ги презеле за да спречат финансиски измами на корисниците преку нивните платформи.
Но, и покрај цврстиот вербален став околу инсистирањето на строго почитување на нејзините правила од страна на моќните меѓународни корпорации, во пракса Европската комисија преку својот т.н. пакет „омнибус“ започна процедури за поедноставување на своите регулативи и за отстапувања од некои правила, со што практично излегува во пресрет на барањата на глобалните технолошки гиганти.
Така, во вторникот Комисијата најави дека ја разгледува можности за редуцирање на случаите при кои веб страниците мора да бараат согласност од корисниците за земање и чување на нивните лични податоци, како и за отстапување од строгите правила за давање согласност за т.н. „колачиња“. „Колачињата“ се делови од информации складирани на уредите или прелистувачите на корисниците, што можат да се користат за аналитика, но и за персонализирано рекламирање.
Во прилог на ова оди и зајакнатиот притисок од Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, која го обвинува Брисел дека неправедно ги таргетира американските технолошки гиганти и дека со своите регулативи ја ограничува конкурентноста.
„Олабавувањето“ на притисокот врз американските компании беше дел и од трговскиот договор меѓу ЕУ и САД, со која Унијата се согласи на извесни отстапки за да избегне воведување на високи царини за извозот на европски стоки на американскиот пазар, со кои се закани Трамп.
Но, покрај во ИТ секторот, ЕУ, исто така по притисок на индустриските гиганти, меѓу кои и поголем број европски, ретерираше и во однос на своите амбициозни климатски цели, иако и натаму се труди да се претстави себе си како лидер во заштитата на климата и борбата против климатските промени.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во обраќањето на Климатскиот самит на ОН во Њујорк оваа недела вети дека светот може да смета на европското лидерство во справување со проблемите поврзани со климата, но на домашен терен состојбата не е толку „зелена“.
Лани под притисок на протестите на земјоделците ширум Европа, ЕК намали некои од климатските цели предвидени за земјоделскиот сектор, а неодамна под притисок на индустријата ги промени и своите цели за намалување на нивото на емисии на штетни гасови до 2030 година, кои беа дел од амбицијата на ЕУ за постигнување на целосна климатска неутралност до 2050 година.
Дополнително, земјите членки не можат да се договорат за нивото на „национално утврдените придонеси“ (НДЦ), предвидени со Парискиот договор од 2015 година за намалување на емисиите на стакленички гасови до 2035 година. Фон дер Лајен во обраќањето во Њујорк, без да наведе конкретни детали или планови, само повтори дека ЕУ има намера да ги намали овие емисии за меѓу 66,2 и 72,5 отсто споредено со нивоата од 1990 година.
Како дел од климатската транзиција ЕУ има план и за целосно исфрлање од употреба на јагленот, како и значително намалување на користењето на фосилни горива, но и за ова прашање не постои консензус меѓу земјите членки, особено оние чии индустрии и натаму се доминантно зависни од овие енергенси, така што не е исклучено во блиска иднина Еврокомисијата да излезе со предлог за ревизија и на овие цели.
Дополнителен удар на зелените амбиции на Европа, беше одлагањето на усвојувањето на регулатива против уништувањето на шумите, предвидено за во вторникот.
Официјално одлагањето на усвојувањето на регулативата беше образложено со технички причини, но тоа уследи по засилениот притисок од Вашингтон околу одредбите од овој акт во рамки на преговорите за допрецизирање на деталите од трговскиот договор меѓу ЕУ и САД.
Така за разлика од мандатот на институциите на ЕУ од 2019-2024 година кој беше одбележан со „законодавен бум“ во носењето нови регулативи и акти, во сегашниот мандат Комисијата од усвојувањето на амбициозни закони се преориентира кон ревидирање на постојните, делумно за да ги задоволи интересите на бизнис сектори и да ги поттикне напорите за зајакнување на индустриската конкурентност, но и да го одоброволи Трамп и да ги избегне неговите царински закани.
Најдобар пример за тоа е толку најавуваниот Закон за вештачка интелигенција, кој би можел да биде отфрлен уште пред целосно да биде спроведен.
Во вакви услови, наместо да претставува пример и да има проактивен пристап, ЕУ станува се пореактивна и се покорува на барањата на моќниците од политиката или бизнис сферата. Дури и кога предлага некоја нова регулатива, како целосното ослободување на руските горива, ЕУ всушност ја насочува водата на воденицата на Трамп, прифаќајќи го неговото барање за поголем увоз на американски енергенси со што се доведува во опасност донеодамнешната енергетска зависност од Русија, да ја замени со нова, овој пат од САД.
Ново на Сител
-
Кривична против 28-годишен скопјанец, в затвор му нашле марихуана
-
Го прекинале кабелот кој водел до електричното броило и направиле штета на ЕВН од 1.377.911 денари - кривична за две лица
-
Исчезнала 21-годишна девојка од Шуто Оризари
-
Здравствена работничка нападната пред угостителски објект од 24-годишна жена
-
Прегазен 69-годишен пешак во тетовско
-
Сообраќајка во Кочани - тешко повредено едно лице
-
Земјотрес од 5,3 степени го погоди западот на Турција
-
Песков: Путин е подготвен да се сретне со Трамп во Москва