МОН промовира дигитални учебници, додека шестоодделенците си ги чекаат хартиените по историја и општество
И додека шестоодделенците си ги чекаат печатените учебници по историја и општество, министерот за образование денеска ги промовираше новите, дигитални, за децата од четврто, петто и шесто одделение.
Станува збор за истите печатени учебници по сите наставни предмети што учениците веќе ги користат, одобрени од Бирото, само во дигитална верзија. Во нив има скратени текстови од лекциите, но вклучени се повеќе видеа, фотографии, квизови и илустрации.
Проучувањето на веб-платформата „nastava.mk“ ќе биде новото хоби, ама и обврска за сите наставници, ученици и родители веќе во второто полугодие од оваа учебна година.
Во училиштата се јавува друг проблем. Не се сите целосно дигитализирани. Во моментов голем број ученици во земјава немаат пристап до мобилни телефони и таблети, а уште помалку пристап до интернет. Шаќири пак има оптимистички поглед кон оваа ситуација, па смета дека тие што веќе имаат услови, треба да си почнат со користење на новите дигитални учебници, за да има подобра интерактивна настава.
Во меѓувреме, Шведска се „пишмани“ од добиените резултати од петгодишната пракса на дигитално учење. Не им се допаѓаат резултатите, па Владата годинава си одвои 60 милиони евра од буџетот за враќање на учебниците во училиштата.
-
Габриела Лескова
Сите содржини од овој новинар
