МПЦ-ОА против кратење на верските празници: Тие се вековна врска меѓу народот и Црквата, а не само неработни денови

Македонската православна црква – Охридска архиепископија се изјасни против иницијативата на Стопанската комора за намалување на бројот на неработни денови по верска основа, нагласувајќи дека верските празници имаат многу пошироко значење од нивното влијание врз работниот процес и продуктивноста.
Од МПЦ-ОА посочуваат дека празниците се значаен дел од духовното и културното наследство и сведоштво за долгогодишната поврзаност на македонскиот народ со Црквата.
Според Црквата, празникот претставува време посветено на одбележување важни настани и личности од црковната историја, но и можност верниците да се оддалечат од секојдневните обврски и повеќе да се посветат на верата, семејството и ближните.
Оттаму нагласуваат дека верските празници не треба да се гледаат исклучиво како слободни денови и дека нивното значење не може да се сведува само на прашања поврзани со организацијата на работата и економската продуктивност.
Реакцијата следува по предлогот на Стопанската комора за измени во календарот на неработни денови. Со иницијативата се предлага намалување на бројот на дополнителните верски празници за кои граѓаните имаат право на слободен ден.
Една од идеите е вработените самите да избираат два верски празници во годината кои ќе им бидат неработни, додека останатите би биле работни денови. Дополнително, Комората предлага државните празници што паѓаат во недела повеќе да не се префрлаат како неработен ден во понеделник.
Во Македонија моментално има 11 неработни денови кои важат за сите граѓани, додека припадниците на различните верски и етнички заедници имаат право и на дополнителни слободни денови.
Православните верници имаат пет дополнителни неработни празници – Бадник, Водици, Велики Петок, петокот пред Духовден и Голема Богородица. Според иницијативата на Стопанската комора, вработените би можеле да изберат само два од нив.
Од Комората сметаат дека ваквите измени би придонеле за подобра организација на работата и поголема продуктивност во компаниите.
Предлогот предизвика реакции и кај премиерот Христијан Мицкоски, кој порача дека стекнатите права на работниците треба да бидат почитувани. Против намалувањето на бројот на неработни денови се изјаснија и синдикатите, според кои ваквата промена би претставувала задирање во веќе стекнатите работнички права.
Со ставот на МПЦ-ОА, дебатата добива и верска и културна димензија, бидејќи Црквата потенцира дека празниците не се само денови за одмор, туку имаат длабоко духовно, традиционално и општествено значење.
Ново на Сител
-

Ветото е моќна алатка - Бугарските европратеници остро против новиот пристап за проширување на ЕУ
-

Мицкоски охрабрен од новите предлози на Кос
-

Не помина предлогот за минималец од 600 евра - Од 105 присутни пратеници само 13 гласаа „да“
-

Инфлација од 2,7% во септември, измери статистиката
-

И догодина ќе точиме скапо гориво?
-

Судот му одреди мерки за претпазливост на вишиот обвинител од Битола
-

Наводи за мобинг во кумановскиот суд - Судскиот совет ја прифати претставката
-

Рокот на спорните серии на БСЖ во Македонија истекол во јуни годинава - нема ниедна несакана реакција
