МВР одзеде 67 возила во акција на Интерпол – откриени фалсификувани шасии и возила по кои се трага меѓународно
Во голема меѓународна полициска операција, спроведена во соработка со Интерпол, на територијата на Македонија биле проверени 3.944 возила, од кои 67 се одземени поради сомневања за различни кривични дела и прекршоци. Во акцијата биле уапсени и две лица, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Операцијата под кодно име „CARBACK II“ се спроведувала од 28 септември до 9 октомври 2026 година, со цел откривање и сузбивање на криминалот со моторни возила, кражби, криумчарење, нелегална трговија и финансиски измами поврзани со автомобили.
Според МВР, од вкупно 67 одземени возила, дури 55 биле одземени поради сомнение за прикривање стоки кои се предмет на криумчарење и царинска измама. Кај три возила биле откриени сомневања за фалсификувани броеви на шасија, додека четири биле одземени поради царински прекршоци.
Особено внимание привлекуваат две возила по кои била распишана меѓународна потрага од Германија, а кои биле поврзани со измами со лизинг и затајување.
Дополнително, едно возило било одземено поради затајување, едно поради користење регистарски таблички од друго возило, а едно поради сомнение за кривично дело „оштетување туѓи права“.
Покрај полициските контроли на граничните премини и контролните пунктови низ државата, биле спроведени и инспекциски надзори во 17 компании кои се занимаваат со продажба на автомобили и половни автомобилски делови.
При овие инспекциски контроли биле проверени 809 возила, од кои 59 биле одземени. Од соопштението не е прецизирано дали овие 59 возила се дел од вкупно пријавените 67.
Во операцијата, покрај повеќе организациски единици на МВР, учествувале и Царинската управа, Управата за јавни приходи и неколку државни инспекторати.
Од МВР посочуваат дека ваквите меѓународни акции се од особено значење за откривање на организирани криминални групи и спречување на прекуграничниот криминал со моторни возила.
Ново на Сител
-

Надзорна расправа за Алта банка
-

Мицкоски пред патувањето во Брисел: Одбивам разговори за билатерални прашања
-

Дебата за новиот Кривичен законик, има ли простор за неказнивост?
-

Со два специјални закони до поевтини домови за млади брачни парови
-

Клучните закони за спречување на насилството се закочени во Парламентот
-

„Своја на своето“ - кампања против насилството
-

Владата мобилизираше шест институции за решавање на проблемот со кравите во Крива Паланка
-

Преглед на вестите од светот
