На инфективната Клиника дневно имаат по 20-тина лица со симптоми на труење со храна
Топлото време носи зголемен ризик од труење со храна. Периодов на Клиниката за инфективни болести дневно бележат по 20-тина граѓани со симптоми на труење: мачнина, гадење, повраќање, дијареа, а имале и покомплицирани случаи кои дехидрирале.
- Најголем дел од пациентите ги третираме преку дневната болница амбулантски, но има и мал процент кои ги хоспитализираме и лекуваме во нашата Клиника. Некогаш е тоа од работен колектив каде поголем број на луѓе кои консумирале заеднички оброк од менза заболеле, во некои случаи се фамилијарни, некогаш се градинки... Сите варијанти се можни, но секогаш се работи обично за повеќе луѓе кои консумирале иста храна и ги добиле симптомите на болеста кратко после тоа, изјави за Сител д-р Иван Видиниќ, од Клиниката за инфективни болести.
Бактериите салмонела, кампило бактер, а поретко и ешерихија коли периодов се причина за бурните симптоми кои се јавуваат кратко време по консумирањето на “сомнителна” храна и небезбедна вода. За да се избегне труење доктор Видиниќ советува храната да биде добро термички обработена.
- Да не се остава да стои на собна температура до следна консумација, најдобро е да се консумира свежа веднаш после подготовката. Зеленчукот, овошјето правилно да се мијат со голема количина на чиста вода и да се консумира хигиенски исправна вода. Доколку сте надвор од местото на живеење најдобро е да консумирате флаширана вода, препорачува доктор Видиниќ.
Инфектологот советува граѓаните посебно да бидат внимателни со храната и водата наредните денови кога температурите ќе бидат над 40-от степен. Доколку добијат симптоми на труење веднаш да пијат доволно течности и електролити за да спречат дехидрирање додека се јават на лекар.
-
Александар Динев
Сите содржини од овој новинар