Над 1000 текстилни работнички добиле плата пониска од минималната
За само 5 дена, околу 1000 вработени во 7 компании од источниот регион, во „Гласен текстилец“ пријавиле дека не им е исплатена минимална плата, односно, за месец март работодавачите го вреднувале нивниот труд за 1000 и 2000 денари помалку од законски утврдените 18 000 денари.
Дополнително има и 970 пријави од работници на кои им е исплатен законскиот минимум, но не и додатоците.
-Дадени им се нови анекси со промена на договорот, односно, со новата сума од 18.000 денари, меѓутоа им имаат исплатено 16 000 и 17 000 денари. Мислев дека до сега ќе почне да стартува некој нов механизам од страна на УЈП и нема да може да се дозволи ова, изјави Кристина Ампева -„Гласен Текстилец“ - Штип.
Се работи за лица кои се во редовен работен однос, а има и фирми во кои доцни платата зашто ги чекаат владините субвенции за исплата на минималецот.
-Закон за минимална плата, без никакви податоци, бројки и програма, без никакви решенија од каде ќе земеме за да дадеме, еве вака е. Работникот од приватниот сектор кога ќе излезе (на штрајк) е тоа ќе биде колабирање на цела држава, додаде Ампева.
Од друга страна, нарачките од странските брендови се зголемени, а работници има се помалку.
-Само во 2020 –та, од март до декември беа отпуштени 7000 работници. Сега тие работници не се веќе тука, ги нема на пазарот на трудот, изјави Ампева.
Според информациите со кои располага „Гласен текстилец“, најголем дел од работниците кои добиле отказ, заминале во западно европските земји.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар