Над 200 објекти, училишта и факултети во Скопје останаа без парно
На вториот ден од грејната сезона, над 200 објекти во Скопје се со ладни радијатори. Посериозен дефект утринава се случил во Кисела Вода, па најголем дел од општината остана без топлинска енергија.
Учениците во основното „Кочо Рацин“ во Центар и „Круме Кепески“ во Кисела Вода настава следеа во студени училници. Поради течење на грејна инсталација, без парно се и Технолошки и Градежен факултет.
„Бројот на затворени објекти, во кои не постои техничка можност за да се испорачува топлинска енергија изнесуваше 210 објекти. Во 21 објект имаше прекин на довод на електрична енергија во топлинската станица, во 49 објекти екипите на операторот немаа пристап до топлинската станица и 140 објекти заради дефект во внатрешната инсталација. Согласно Законот за домување, одржувањето на внатрешната грејна инсталација е одговорност на потрошувачите“ велат од ЕСМ.
Дел од граѓаните велат парно немаше ни вчера, ни денеска.
Од ЕСМ не кажуваат од каде и по која цена е набавен природен гас. Само рекоа дека се обезбедени количини за до крајот на овој месец.
Граѓаните засега ќе плаќаат фактури по старата цена, а Регулаторна ќе носи одлука откако ќе се поправи мостот Беласица. Таму, пак, се уште нема никакви активности, а како алтернатива се користи железничкиот мост.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
