Македонија
15. May 2025 - 16:40

Над 26 милиони рецепти реализирани во 2024 – стануваме поболна нација или хипохондрици?

Дали стануваме се поболна нација која користи многу лекови, или, пак, доминира хипохондријата? Лани биле реализирани повеќе од 26 милиони рецепти што е за три проценти повеќе од 2023. Во превод, тоа значи дека минатата година секој осигуреник зел по 14 кутии на апчиња.

-Мислам дека големо влијание има хипохондријата. Особено тоа се засили по короната. Дотогаш никој не знаеше за димери, сега нема лабораториски наод без димери, вели Сашо Клековски, директор на Фонд за здравствено осигурување. 

Но за да бидат реализирани повеќе од 26 милиони рецепти не е причина само хипохондријата. Клековски вели дека влијание има проширувањето на позитивната листа со лекови за кардиоваскуларни заболувања, како и нездравиот начин на живот. Македонија е пушачка нација а голем број граѓани имаат проблем и со обезноста. Тоа го покажува и извештајот за најкористени лекови во 2024. Доминира лек за дијабет тип 2 кој има и други индикациони подрачка како и терапија за висок крвен притисок и за стрес. Во оваа група е и лекот за маснотии. 

-Ми се чини дека кај нас пред да ги исцрпиме другите можности за намалување на маснотиите во крвта, на пример промена на диета, се одлучуваме да прејдеме на терапија. Јас секогаш спомнувам дека Оземпик или другите лекови за дијабет и слабеење не можат да бидат замена на здрав животен стил. Тие треба да бидат ако се исцрпат другите можности на диета или зголемено движење, вели Клековски. 

Според годишниот извештај, лани најмногу рецепти биле потрошени во Источниот регион а најмалку лекови земале жителите во полошкиот. 

Речиси половина од рецептите реализирани во 2024 отпаѓа на првите 10 најкористени лекови кои се на товар на Фондот.