Бизнис
24. April 2022 - 16:35

Намалениот раст на БДП ќе го зголеми буџетскиот дефицит за 2%

Со намалени прогнози за раст на економијата и зголемени трошоци се кројат контурите на ребалансот на буџетот.  Наместо 4,2%, проекциите за раст на БДП се намалуваат на 3,2 отсто,  со што буџетскиот дефицит  се зголемува за дополнителни 2%. Со новите проекции, минусот во државата каса од 4,3%, би надминал 6% или  во бројки од над 500 милиони евра, проекциите се дека ќе се зголеми за дополнителни 200 милиони евра – пари кои веќе се планирани да се потрошат, а недостасуваат во државната каса. Веќе се бараат кредити од ММФ и Европската Комисија, од 600 милиони евра.

Министерот за финансии Бесими денеска во Вашингтон се сретна со шефицата на ММФ, Кристалина Георгиева, од каде се бара новиот заем за претпазливост и ликвидност. Наредната недела тим од ММФ ќе дојде во Македонија, и ако оценат дека ги исполнуваме условите, ќе ни позајмат пари, кои би биле со камата од околу 1%.

Парите, според Бесими ќе бидат за поддршка на стандардот на граѓаните и стопанството, согласно предизвиците кои ги наметнува ценовната и енергетска криза.

Со ребалансот на буџетот предвидени се повисоки плати за  вработените во јавниот сектор и образованието за  скоро 10%, односно во просек по 50 евра месечно од човек.  За да се обезбедат – ќе се скратат  над 354 милиони евра од предвидените расходи. Луксузирање, купување мебел и автомобили  веќе нема да има, освен за опремување на  амбасадата во Виена.  Предвидените пари од министерствата и општините, кои не ги потрошиле, ќе им бидат одземени. За најавеното задолжување, реагираат од ВМРО ДПМНЕ. Изминативе 2 години земјава се задолжи за над 1,6 милијарди евра, а со новото најавено задолжување се очекува долгот да надмине 2,3 милијарди евра. Јавниот долг, според најголемата опозициска партија ќе изнесува 7,9 милијарди евра.