Бизнис
8. April 2026 - 16:33

Падна цената на нафтата на светските берзи, но неизвесноста за Ормутскиот теснец останува

Позитивни сигнали се исцртаа на светските пазари. По најавата за прекин на огнот на Блискиот Исток, цената на нафтата падна за околу 15%. Барел чини и под 95 долари. Ова е значаен пад, но цената е сè уште многу повисока од периодот пред конфликтот. Трговците со енергенси се претпазливи бидејќи е тешко да се предвиди дали прекинот ќе прерасне во траен мир.

Во фокусот сега е Ормутскиот теснец. Иако примирјето предвидува негово повторно отворање, сè уште не е јасно дали сообраќајот ќе се одвива слободно или под контрола на Иран. Позначајно движење на теренот сè уште нема. Во Персискиот  Залив се заглавени околу 1.000 бродови. Нивните сопственици и осигурителните компании чекаат официјални безбедносни гаранции пред целосно да го обноват сообраќајот.

Како пониските цени ќе се одразат на македонските бензински - премиерот вели дека е рано за прогнози.

  • Цената на Платс е некаде околу дваесетина долари по барел поевтина, споредбено со таа што беше вчера. Ќе видиме како ќе се движи. Рано е уште да проектираме што ќе се случи во вторник, бидејќи понеделник е неработен ден. Ќе треба да помине и четврток за да можеме да бидеме попрецизни – изјави Мицкоски.

Во моментов, Македонија има најевтини горива во регионот. Најскапо е во Хрватска. Таму литар бензин се продава по 1,68, а дизелот чини 1,88 евра. Кај нас цените се за 30 центи пониски. Разликата не е мала затоа што на резервоар од 50 литри, тоа се дури 15 евра заштеда. Поевтините горива во Македонија се резултат на намалените акцизи, ДДВ-то.

Држава

Бензин (литар)

Дизел (литар)

Хрватска

1,68 €

1,88 €

Словенија

1,62 €

1,81 €

Србија

1,61 €

1,81 €

Црна Гора

1,59 €

1,78 €

Босна и Херцеговина

1,45 €

1,84 €

Македонија

1,35 €

1,59 €

 

Државна статистика вчера измери годишна инфлација од 4,9%, но според Мицкоски, растот е поголем затоа што лани ова време маржите беа замрзнати. Затоа, како пореална вредност ја зема месечната инфлација која изнесува 0,7%.

  • Повторно сме меѓу првите 5 во Европа. Помала месечна стапка на инфлација од нас имаат Словенија, Словачка, Естонија и Белгија. Сите други се 1.5, 2 и повеќе проценти. Тоа значи дека мерките досега даваат резултат. Имаме стратегија доколку е потребно што после 20-ти април, откако ќе истече кризната состојба. Јас очекувам смирување – истакна премиерот.

Експертите веќе предупредија дека последиците допрва ќе следат. Енергетската инфраструктура на Блискиот Исток претрпе сериозни оштетувања. Ќе бидат потребни месеци за повторно да почне производството, а години за тоа да се врати на нивото што беше пред војната.