Македонија
18. February 2024 - 16:37

Недовербата во вакцинацијата нѐ врати во минатото кога беснееа опасни болести

Како имунизацијата на децата против опасни заразни заболувања од најголема здравствена придобивка на човештвото во 20 век, сега стана кошмар на многу родители?

Петгодишни деца без примени ревакцини со Ди-Те-Пер, ученици со празни вакцинални картони. Епидемиското ширење на големата кашлица во земјата откри колку е опаднат опфатот со имунизација.

- Еве ова детенце нема ревакцина за Ди Те Пер и нема МРП.  И ова детенце три пати е кането, нема три дози и го чекаме да се јави, вели Ратка Стојанкиќ –медицинска сестра во пункт за имунизација Букурешт

Се повикуваат со службени мејлови до училиштата и има многу деца што не се одвале, не само оваа година туку и минатите 

- Имаме календар, национален календар и треба да се постапува по закон, вакцинацијата е законска обрвска, може да бидат санкционирани и поинаку, вели д-р Соња Ралева од школски диспанзер во поликлиника Бит Пазар.

На социјалните мрежи има многу информации и приказни за последици од вакцините, но колку се тие оправдани.

- Од емотивни и од побуди кои се поттикнати од податоци кои ги има на социјалните мрежи и немедицински списанија кои шират страв и дезинформации и со тоа опаѓа процентот на имунизација и се јавуваат искоренети болести кои беснееле во минатите векови и се враќаме назад, вели д-р Ралева 

На тимовите кои работат во вакциналните пунктови, не им е лесно да се убедуваат со родители за бенефитите од вакцинацијата, особено последните години со развојот на информатичката технологија.

- Ратка, пред 30 години кога почнуваше со работа во вакциналните пунктови, дали очекуваше дека ќе дојде време кога ќе треба да молите родители да ги носат децата за да ги примат неопходните вакцини?

- Пред 30 години вакво нешто не очекувавме, децата си доаѓаа редовно на вакцинација, родителите ги носеа без да прашуваат, сега гледаме дека не се вакцинирани по три дози, не доаѓаат за МРП 

Наспроти сите убедувања и недовербата на родители во имунизацијата, во МАЛМЕД изминатите 5 години има 62 пријави за несакани ефекти од вакцини и според Агенцијата, тоа се очекувани и опишани во самите упатства. По пет пријави има за температура, плачење и осип, 7 пријавиле вознемиреност.

До Агенцијата за лекови можат да пријават несакани ефекти од лекови сите граѓани, пациенти, здравствени работници.

Какви вакцини имаме во земјата и дали е важно земјата на потекло или сертификатите кои гарантираат безбедност и квалитет?

- За сите лекови вклучувајќи и вакцините има процедури. Сите лекови подлежат на строги контроли, процедури на проверка при регистрација и пуштање во промет. Тоа значи разни комисии и филтри низ кои се проверуваат, вели Љирим Шабани директор на МАЛМЕД. 

Зошто надлежните не реагираат веднаш уште при појава на еден случај од заразно заболување за кое има вакцина и доволни ли се мерките што ги преземаат за подигнување на свесноста? Од Министерството за здравство ни одоговорија дека работат согласно Програмата за имунизација. 

За оваа година, во Програмата се предвидени 358.000.000,00 денари, со можност за обезбедување дополнителни средства во тек на годината, согласно потребите.

Во Програмата годинава првпат се предвидени и средства за промоција на „Европската недела на имунизација“, како и за одржување работни средби со тимовите од вакциналните пунктови и регионалните координатори за имунизација со цел зголемување на свесноста на населението и здравствениот кадар за значењето на имунизацијата и безбедноста на вакцините и подготовка на промотивен материјал наменет за родителите.

Не 70, 80 туку опфат со имунизација над 95 проценти за да нема болни деца и загрижени родители.