Нема откажување од набавката на педијатриски вакцини и покрај студиите кои покажаа ниска ефикасност
Државата не се откажува од набавката на педијатриските вакцини против Ковид-19 за деца од од 5 до 11 години иако неколку студии во САД покажаа дека значително е намалена нивната ефикасност дури под 20 отсто кај оваа возрасна група.
Според министерот за здравство иако скринингот покажал дека епидемиолошката состојба во училиштата е стабилна Беким Сали останува на ставот дека вакцината е најдобрата превенција од вирусот.
-Епидемиолошки нема индикација за вакцинација кај децата на таа возраст, но тоа не значи дека не треба да има педијатриски вакцини. Во процес сме на набавка на вакцините и кога ќе пристигнат кај нас ќе ги поканеме сите заинтересирани граѓани да пристапат кон вакциналните пунктови за имунизација, изјави Беким Сали, министер за здравство.
Согласно договорот на државата со Фајзер до крајот на годината треба да испорачаат половина милион дози, од кои 10.000 се за деца од 5 до 11 години. Иако првично педијатриските вакцини беа најавени за до крајот на март, најверојатно ќе стигнат подоцна. Засега не се знае ниту колкава количина од 500.000 ќе бидат купени.
-Ние не можеме да се откажеме од нешто што е безбедно, сигурно и единствен начин да се заштити здравјето на нашите граѓани, изјави Беким Сали.
Инаку досега во земјава со две дози имунизирани се околу 40 проценти од населението, а само 2,8 отсто од децата на возраст од 12 до 18 години примиле вакцина против Ковид.
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
