Македонија
17. February 2023 - 16:32

Нема соодветен инсулин за дијабетичарите во Штип

Втора недела по ред нема соодветна инсулинска терапија за околу 200 дијабетичари од Штип. Лекот “Ризодег“ е недостапен за пациентите во Центарот за инсулинска терапија. Од Клиничка болница го потврдија недостатокот на лекот, меѓутоа има замена, а доколку се појави потреба, ендокринолозите ќе ја корегираат терапијатa. Сепак, пациентите инсистираат да го примаат лекот „Ризодег“, кој им ја подобрува здравствената состојба.

  •  Требаше да земам од завчера, ама нема. Рекоа за во петок, за денеска, ама пак нема и сакаат да ми го сменат. Не сакам замена, мене овој ми е убав. Од овој ми се симна, ми се регулира шеќерот. Што тие експерименти ли ќе прават со нас?- изјави пациентка, дијабетичарка од Штип.

Освен овој лек, сите други типови инсулин ги има, меѓутоа, подолг период дијабетичарите се соочуваат со недостаток од апарати и ленти за мерење на гликемија.

  • Ленти воопшто нема, а апарат земам од комшијата. Сега ленти немаме ниту јас, ниту соседот. Не знам колку ми е шеќерот, а пијам инсулин, еве веќе 4-5 месеци- изјави пациент, дијабетичар од Штип.

Од Клиничка немаат информации кога ќе го добијат лекот и лентичките, бидејќи јавната набавка и дистрибуцијата ги врши Министерството за здравство, а болницата ги прави само месечните нарачки за своите пациенти.