Николоски: Започнуваме со изградба на автопатот Скопје-Блаце, се поврзуваме со пристаништето во Бар со што отвораме нови можности за домашните компании

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски изрази уверување дека конзорциум предводен од домашната градежна компанија „Гранит“, кој ќе го гради вториот дел од автопатот Скопје-Блаце, во должина од 10,5 километри, а, чија изградбата ќе почне летово, е на ниво на задачата и роковите ќе бидат испочитувани. Николоски во гостувањето во „Тема на денот“ на Сител нагласи дека во процесот постапувале согласно строгите правила на Европската банка за обнова и развој и оти и ЕБОР немала никаква забелешка за изведувачот.
-Драго ми е што, заедно со Европската банка за обнова и развој и Јавното претпријатие за државни патишта, успеавме да го избереме „Гранит“ за изведувач. На тој начин покажуваме дека македонската оператива може да работи. Тука сакам да се заблагодарам на ЕБОР, на министерката за финансии, за поддршката во обезбедувањето на финансии како и на директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Коце Трајановски, кој врши одлична работа. Толку автопати колку што моментално се градат во Македонија, никој во регионот не гради, а Македонија никогаш не видела...Ние постапувавме според правилата на Европската банка за обнова и развој, кои што се многу строги. На крајот, ЕБОР даде таканаречен „no objection“ на овој за изборот на изведувачот, штом ЕБОР од Лондон рече дека ова е во ред, значи е во ред - нагласи Николоски.
Тој истакна дека станува збор за комплексен патен проект, чија вредност е проценета на околу 200 милиони евра.
-Прво ми е драго што ќе го почнеме овој проект. Се работи за еден од најфреквентните патишта, затоа што ова е спојка со Косово и со Црна Гора од една страна, а од друга страна во однос на бизнисот се отвораме уште кон едно пристаниште, а тоа е пристаништето во Бар, така што го кратиме многу патот - изјави Николоски.
Според него, изградбата на автопатот Скопје-Блаце претставува сериозен инженерски зафат поради конфигурацијата на теренот и бројните инфраструктурни објекти што треба да се изградат.
-Проценетата вредност е некаде околу 200 милиони евра. Се работи за исклучително комплициран проект, со пет тунели, две галерии и 12 големи мостови - изјави Николоски.
Осврнувајќи се на критиките од ДУИ дека проектот бил непотребно одложуван, министерот оцени дека причините за таквите реакции се поврзани со очекувањата за бизнис зделките на ДУИ за трасата на идниот автопат.
-Очигледно е дека се нашле како погодени, затоа што купуваа ниви на онаа траса која што тие мислеа дека ќе биде траса и мислеа дека експропријацијата ќе помине токму по тие ниви. За жал тоа нема да се случи, затоа што финалната траса не е баш таа која што ја замислуваа - рече Николоски.
За тоа дали има придвижување во однос на работите на експресниот пат Куманово - Страцин одговори дека има, влезен е во Планот за раст и ќе има ИПА-компонента, така што очекува до следната година, заедно со Европската Унија, да ја завршат потребната документација и да започне изградбата.
-Добро е што таму експропријацијата е веќе завршена и сега продолжуваме со проектирање и изградба, истакна Николоски.
Тој најави дека во соработка со ЈПДП објавуваат тендер за сите потребни студии – физибилити студија, еколошка студија и социјална студија за експресниот пат Кочани – Виница – Делчево. Исто така, во скоро време ќе биде објавен тендер и за експресниот пат Радовиш – Струмица.
Во врска со можноста за предвремени избори, Николоски изјави дека во градежништвото е потребна предвидливост, а фактот што Владата има огромна поддршка кај народот и огромно мнозинство во Собранието создава услови за планирање и реализација на вакви проекти, бидејќи тие траат со години и често се подолги од мандатот на која било влада.
Нагласувајќи дека наскоро ја почнуваат втората половина од мандатот, нормално е во тој временски интервал сите опции да бидат на маса, но додаде дека тие очекувале од СДСМ да бара предвремени избори, дека ќе бидат под притисок во Парламентот за нивно распишување.
-Денес гледаме поинаква ситуација, никој повеќе не бара предвремени избори, туку напротив, се посакува тие да не се случат. Тоа многу јасно покажува каков е односот на политичките сили на македонската политичка сцена - рече Николоски.
Во однос на најавената реконтрукција и неговите очекувања, Николоски изјави дека тоа е прашања за премиерот, кој е мандатар за состав на Владата и прави проценка за функционирањето на владиниот тим.
МИА
Ново на Сител
-

Тема на денот со Александар Николоски, министер за транспорт и вицепремиер
-

Идната недела стартуваат разговорите за реконструкција на Владата
-

Сиљановска: Проверка на потекло на имот и сериозни реформи за поголема доверба во судството
-

Ахмети најави повлекување, аналитичарите не очекуваат брза смена
-

Филипче: Тотален колапс во земјоделството - нема откуп, нема пари, субвенциите се намалени
-

Со ,,Дојран гурман фест,, отворена летната туристичка сезона
-

Ако се биде како што треба пруга долж Коридорот 10 ќе почне да се гради на есен
-

Оф-роуд ентузијастите од Штип, во служба на пожарникарите
