Зголемен интерес за производство на тутун
Зголемен интересот за производство на тутун во струмичкиот регион. За разлика од минатата година кога биле пополнети околу 2600 евидентни листови, годинава за производство на тутун се пријавиле 2750 тутунопроизводители. Освен бројот на евидентни листови зголемување има и на површините кои треба да бидат засадени со тутун. Од здружението на тутунопроизводители Басмак велат дека годинава со оваа култура се очекува да бидат засадени околу 130 хектари за разлика од минатогодишните 90. Нема регистрирано некоја значителна бројка на нови производители, но затоа старите го зголемиле просекот на планираните површини од три на пет декари по евидентен лист. Добрата откупна цена од последната сезона и зголемените субвенции биле главна причина за овој позитивен тренд.
- Оваа година имаме мал процент на зголемување. Тоа е поради добрата цена и самите субвенции што се покачени, 80 денари за прва, 70 за втора кои што ќе ги добијат веќе од утре како што е најавено треба да се исплаќаат субвенциите. Тоа им дава поттик на самите производители да го зголемат производството на тутун, вели Марјан Траков.
Сеидбата на тутун во струмичкиот регион е во полн ек, а околу 40% од планираните површини веќе се засадени. Лани во овој регион беа предадени околу 2 милиони килограми суров тутун. Очекувањата на тутунските здрженија кои се базираат на зголемените површини се оваа година количината да биде зголемена на 2, 5 милиони килограми. Годинава во струмичкиот регион наместо четири колку што беа лани, за откуп регистрирани се пет компании.
-

Зоран Ѓоргиев
Сите содржини од овој новинар
