Прилеп со висок раст на новозаболени, локалните власти бараат заострување на мерките
Поради зголемениот број на заразени со корона вирус во Прилеп, кој само денеска изнесува 14 лица од Општината најавуваат дека утре ќе побараат од Владата воведување на построги мерки. Утре во Прилеп ќе дојдат шефот на централниот кризен штав, Бујар Османи и министерката за одбрана Радмила Шекеринска. Според локалната самоуправа имало голема недисциплина и непочитување на мерките од страна на граѓаните, но и од дел од фирмите кои работат или сакаат да започнат со работа иако кај нив имало регистрирано случаи на Ковид-19.
„Ќе побарам поголема вклученост на Армијата за спроведување на мерките и препораките на Владата и Министерството за здравство. Мора да го спречиме групирањето и гужвите, посебно пред банките и маркетите во нашиот град. Исто така, во оваа прилика сакам да потенцирам, компаниите каде има потврдени случаеви на нивни вработени кои се заразени со коронавирусот, во вакви услови не смеат ниту да помислат повторно да ги активираат своите производствени капацитети, додека не се создадат барем минимални услови за работа според проценките на надлежните служби“, истакна Илија Јованоски, градоначалник на Прилеп.
Според надлежните засега бројот на заразени е очекуван и затоа веднаш не се бара воведување на карантинска мерка како во Дебар, но не се исклучува и таа можност доколку таkа проценат стручните лица. Прилеп се наоѓал во втората фаза на епидемијата.
„Рачунајте дека имаме многу асимптоматски случаи веќе во оваа фаза. Од тие асимптоматски случаи ние не можеме знаеме колку имаме заразени, ние откриваме нови случаи, меѓутоа и самите не знаат, не даваат податок дека биле во контакт со некој што имал симптоми, можеби се заразиле од некој асимтоматски“, рече Татјана Станимировиќ, епидемиолог.
Според епидемиолозите многу било тешко да се открие кој бил првиот пациент во едно жариште, зошто тој можел да помине и со благи симптоми на настинка.
„Откриваме дека во нивната фамилија некој со полесни симптоми поминал пред една недела, пред две. Има многу такви што поминале со благи симптоми на настинка и ние сега ретроградно ги откриваме. Кога ќе откриеме позитивен член во нивното семејство со јасно изразени симптоми, се потврдило дека се работи за корона вирус, после ќе се потсети дека сопругата и детето беа настинати на 15 март на пример или порано“, додаде Станимировиќ.
Во моментов Прилеп има 72 заразени лица. Моментално 12 мина се сместени во инфективното одделение во Прилеп, од кој 6 се потврдени случаи, за 3 се чекаат резултати, а тројца биле примени вчера. Двајца прилепчани биле на кислородна поддршка. Досега биле тестирани 280 граѓани.
-
Дарко Штарговски
Сите содржини од овој новинар
