Четворица заразени од Гевгелија со негативни тестови
Четворицата гевгеличани кои беа инфицирани од корона вирусот добиле негативни резултати од првиот контролен тест. Сега се чекаат резултатите од вториот тест што согласно протоколите им бил направен деновиве. Доколку и тие резултати бидат негативни ова ќе значи затворање на првиот кластер со Ковид-19 во овој град. Оваа информација ја потврдија и од центарот за јавно здравје во Гевгелија. Но, според епидемиологот од овој центар д-р Сашко Олумчев ова не значи дека граѓаните не треба да ги почитуваат мерките и препораките за заштита, туку напротив треба сите да се однесуваат максимално сериозно и одговорно.
„Нашиот кластер кој броеше четворица позитивни, едно цело семејство, по четиринаесетиот ден беа направени контролни брисеви и тие излегоа негативни, што значи дека сега по тој алгоритам после 48 часа се прави веднаш нов контролен тест. Во моментов ги чекаме резултатите и доколку истите излезат негативни го затвораме тој кластер на случаи кои се појавија во Гевгелија и со тоа бројката на заболени ќе падне на нула. Значи во Гевгелија ќе нема заболени од Ковид-19, меѓутоа тоа не значи дека треба да се олабавиме, мерките кои се препорачани од министерството за здравство си остануваат на сила и треба да се придржуваме што повеќе до нив бидејќи и самото придржување кон тие мерки покажа дека дава извонредни резултати,“ вели Д-р Сашко Олумчев-Епидемиолог во центар за јавно здравје Гевгелија.
Од појавата на вирусот во државата па заклучно со 20-ти април во центарот за јавно здравје во Гевгелија биле земенеи вкупно 90 бриса за тестирање. Резултатите од сите тестови биле негативни.
-
Зоран Ѓеоргиев
Сите содржини од овој новинар
