Голем пожар избувна во еден од најголемите објекти на поранешната струмичка касарна
Голем пожар избувна во еден од најголемите објекти на поранешната струмичка касарна. Пожарот бил пријавен доцна попладне , а според првичните информации зафатена е кровната конструкција и половина од објектот.
Поради големината на пожарот, на терен излезе цела противпожарна единица со 25 пожарникари и пет возила. Во интервенцијата на пожарникарите им помагаа и вработени од јавното комунално претпријатие со две возила.
Приодот до опожарениот објект беше целосно затворен од полицијата, а пристап имаа само противпожарните возила. Од струмичката противпожарна единица информираа дека огнот е ставен под контрола, но не е целосно изгаснат поради што нивни екипи ќе останат да дежураат во текот на целата вечер.
За сега нема информации кои би можеле да бидат причините за пожарот, тие допрва ќе се утврдуваат. Она што е познато е дека се работи за објект кој подолго време не се користи и во него нема струја.
За околу месец дена ова е втор пожар во објектите на поранешната касарна во Струмица. На 25 март изгоре зграда во која беа сместени регионалната телевизија Вис, конфекциски погон и печатница.
-
Зоран Ѓеоргиев
Сите содржини од овој новинар
