Македонија
9. јуни 2020 - 16:33

Едно лице загина, а 8 се повредени во сообраќајка предизвикана од скопјанец кој превезувал мигранти

Еден загинат и осуммина повредени, ова е официјалниот биланс од синоќешната сообраќајна несреќа која се случи на магистралниот пат Струмица-Радовиш кај влезот на селото Василево. Три лица се здобиле со тешки, додека останатите петмина се полесни повреди. Во несреќата животот го загуби 34-годишен жител од струмичкото село Градашорци. Струмичката полиција денеска ја потврди информацијата дека во едно од возилата кое го управувал 55-годишен скопјанец се превезувале 11 мигранти од Пакистан

„Учествувале патничко возило „опел астра“,  со скопски регистарски ознаки, сопственост на правно лице, а управувано од Е.С.(55) од Скопје, во кое имало 11 мигранти од Пакистан, патничко возило „фолксваген пасат“, управувано од С.Г.(34), со сопатник С.Г.(57), и двајцата од с.Градашорци и патничко возило „ауди“, управувано од Д.К. од Скопје, со тројца сопатници. Во незгодата загинал возачот на возилото „фолксваген пасат“, а со тешки телесни повреди се здобиле три лица, и тоа возачот и еден сопатник од возилото „опел астра“ и еден сопатник од возилото „фолксваген пасат“, додека со телесни повреди се здобиле пет лица сопатници во возилото „опел астра“,“вели Хризантема Рендевска – Портпарол на СВР Струмица.

Според првичните и сеуште неофицијални информации возилото кое ги  превезувало мигрантите се движело со голема брзина. Најверојатно,бегајќи од полицијата прво удрило во другото возило во кое се наоѓал сега веќе загинатиот, а потоа излетало од патот по што удрило во ѕид. Но за сега овие информации остануваат непотврдени. Од обвинителството информираа дека појасна слика за целиот случај и околностите под кои дошло до несреќата треба да даде извештајот од вештачењето на возилата. Од таму веќе бил даден налог  за сообраќајно крим техничко вештачење и на двете возила, а ќе се врши  и обдукција врз телото на починатиот возач. Покрај екипите на полицијата, обвинителството и итната медицинска помош во синоќешната интервенција учествуваа и шестмина пожарникари  кои користеле и специјални хидраулични алатки за извлекување на повредените.