Бизнис
30. January 2021 - 16:46

Како влијае европскиот локдаун на текстилниот сектор во земјава?

Секој нов lockdown во западните земји, посебно во Германија, како наш најголем трговски партнер, значи продолжување на кризата и за македонските текстилни компании. Пролонгирањето на налозите, односно нарачките води кон продлабочување на и така тешката состојба во секторот.

Проблемот е што тоа пролонгирање не оди пропорционално, ќе се затвори на еден месец, па кризата ќе се продолжи уште еден месец. Секое продолжување фактички е мултиплицирање на последиците во производствениот процес- изјави Маријана Перковска, претседател на текстилен кластер.

На почетокот на пандемијата многу фирми го преориентираа своето производство, шиеја маски и заштитна медицинска опрема, но подоцна и земјите увознички на овие артикли самите се организираа. Перковска вели дека тоа биле инцидентни нарачки кои всушност и не се дел од текстилната индустрија.

Факт е дека со затварањето на моловите, продавниците, со локдаунот  автоматски побарувачката за нашите производи, односно за нашите услуги ќе биде намалена или откажана – додаде Перковска.

Засега нема затворање на конфекции и масовни отпуштања од работа, зашто поради дефицит од работна сила, фирмата подоцна нема да може да се рестартира. За да се задржат вработените, мерките за помош на стопанството мора да бидат континуирани, а не парцијални.

Најголемиот проблем кај текстилните компании е што немаат работа. Целата оваа помош треба да биде во функција за да преживеат, за да кога ќе помине пандемијата повторно да можат да продолжат со работа- изјави Перковска

Во моментот најдобро котираат текстилците чии купувачи се занимаваат со интернет продажба и кои произведуваат долна облека.