Македонија
4. January 2022 - 12:24

Студирањето во услови на ковид пандемија ќе имплицира недостатоци во знаењето на студентите

Студирањето во услови на Ковид пандемија ќе имплицира недостатоци во знаењето на студентите, смета ректорот на штипскиот универзитет Блажо Боев. Проблемот не е во користењето на дигиталните он лајн алатки, туку во тоа што трансформацијата на наставата мораше да се случи наеднаш. 

-Да се извади заклучок за тоа што правиме овие 2 години, мислам дека ќе треба да помине малку време, за да видиме овие генерации кои вака го стекнуваат своето образование како ќе се снајдат во реалниот живот утре и дали во нивното образование има доволен квантум на знаење –изјави Блажо Боев, ректор на УГД-ШТИП.

Универзитетот е агрегат и конгломерат од различни научни дисциплини, па поради тоа, за одредени студиски програми е неопходна класична настава и лабораториски вежби. Сепак, за физичко присуство студентите ќе мора да почекаат календарски да заврши зимата.

-Пролетта можеби ќе биде по приемлив период кога веројатно најголем дел од Универзитетот, така да кажеме, ќе замине на физичко присуство на настава, не исклучувајќи ги сите алатки кои постојат во делот на информатичко- комуникациските технологии и онлајн платформите кои Универзитето ги има-додаде Боев.

Постепеното смирување на епидемиолошката состојба повторно ги привлече странските студенти. Во академската ’21/’22 година запишани се 500 бруцоши од странство, а во иднина Боев очекува бројот постојано да расте, за што од догодина стартува акредитираната студиска програма на англиски јазик по Општа медицина.