Казино во Дојран „имунизирало“ со лажни ковид сертификати
Грчка телевизија објави сторија во која наведува дека во казино во Дојран наводно се издаваат лажни ковид сертификати. Според информациите објавени во видео сторијата казиното се наоѓа на македонска страна во близина на граничниот премин Дојран и во него може да се набават лажни негативни ковид тестови со кои потоа без проблем може да се помине границата. Телевизијата наведува дека лажните сертификати ги издавал овластен дијагностички центар. Без да биде извршено било какво тестирање се пополнувале само имињата на клиентите. Од македонската полиција до сега немаат добиено пријава за овој случај, но најавуваат проверки на информациите објавени од грчката телевизија.
„До сега МВР нема добиено пријава за ова, но ќе бидат извршени проверки во врска со наведеното од страна на грчкиот медиум, рече Александра Трајанова- портпарол на СВР Струмица.
Негативниот ПЦР тест е задолжителен за влез во соседна Грција. Ваквата одлука беше донесена во декември пред почетокот на празниците и се однесува на сите патници над 5 години вклучувајќи ги и грчките државјани.
-
Зоран Ѓеоргиев
Сите содржини од овој новинар