Експресниот пат до Кочани готов за неколку месеци, од март ќе проработат и патарините на автопатот Штип - Скопје
Завршени ¾ од градежните работи на втората делница од експресниот пат Штип- Кочани, во должина од 14 км. На 8 км од трасата е поставен првиот асфалтен слој, а на целата делница се финализирани земјените работи.
- Во наредните неколку месеци и оваа делница од експресниот пат Штип- Кочани ќе биде завршена. Делницата Штип-Крупиште пак, веќе е во употреба. Вкупната должина на експресниот пат од Штип до Кочани е 28 км, за што инвестиравме 37,3 милиони евра, изјави Димитар Ковачевски, премиер.
Од пред месец и половина, пуштен во употреба е и експресниот пат Штип – Радовиш во должина од 39 км. Но, она што најповеќе ги загрижува граѓаните од Истокот е цената на патарините. За изминати 47 км. по новата автопатска делница, ќе се плаќа 120 денари.
- Цената на патарините се утврдува според Закон и за 1 км изнесува 2,57 денари, така што, кај Преод ќе биде 50 денари, а кај Кадрифаково 70 денари, изјави јуп Рустеми, директор на ЈПДП.
Патарините ќе бидат изградени и ставени во функција до крајот на март, а за санација на двете свлечишта кои ја блокираат едната коловозна лента повеќе од 3 месеци, ќе биде распишан тендер.
- Се прават сите подготовки да се санираат овие две свлечишта и автопатот да биде комплетно и со целиот свој обем пуштен во функција, изјави Благој Бочварски, министер за транспорт и врски.
За патување до Скопје и назад, граѓаните ќе треба да издвојат 320 денари за патарини, а погодноста се состои во тоа што ќе имаат можност и за електронско плаќање.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар