Бизнис
12. March 2022 - 16:31

Бектеши тврди дека домашните производители имаат капацитет да ги задоволат потребите на домашниот пазар

Домашните фабрики за производство на основните прехранбени продукти работат со полн капацитет, а со помош на владините мерки граѓаните ќе бидат заштитени од ценовните шокови, истакна денеска во Штип, министерот за економија, Крешник Бектеши. Во моментот домашното производство ги задоволува потребите на македонскиот пазар и според него, имаме пониски цени во однос на земјите од регионот.

- Одлучивме, преку пратениците, а на предлог на Владата, дополнително да се намали ДДВ-то на прехранбените производи од 5% на 0%, што ќе влијае дополнително во ублажување на ценовните шокови за прехранбените продукти, изјави Крешник Бектеши, министер за економија.

Од бизнис секторот велат дека ги следат одлуките на ресорното министерство и уверуваат дека има доволно залиха.

- Обично чуваме залихи за 3 месеци за сите репроматеријали и суровини. Се надеваме дека соседството ќе ги отвори границите за извоз на суровини и дека нема да имаме проблем во наредниот период за после 3 месеци, изјави Сашо Наумовски, генерален директор на „Витаминка“ сопственик на фабриката за масло „Брилијант“. 

Македонија со сончоглед се снабдува од Србија и Бугарија, а годишната потрошувачка на сончогледово масло за јадење изнесува 35.000 тони. Русија и Украина покриваа 55% од светскиот пазар со овој прехранбен производ, а актуелната состојба доведе до нагло зголемување на цената на светските берзи.