Македонија
14. March 2022 - 16:31

Сали: Се уште е рано за целосно тргање на мерките

Желбите се едно, но бројките на новозаразени и хоспитализирани покажуваат дека се уште не е време за тргање на маските и укинување на Ковид мерките, изјави министерот за здравство. Иако неколку медицински експерти укажуваат дека во земјава веќе има колективен имунитет од над 90 проценти, Беким Сали тврди дека епидемиолошката состојба не е позитивна.

- На една страна се желбите, а од друга страна се реалните бројки кои ги добиваме. Како Министерство здравство, Институт за јавно здравје и Комисијата за заразни болести ја следиме состојбата освен во државата, во регионот и пошироко,  изјави Беким Сали, министер за здравство.

И додека 2 години живееме со рестрикции и ограничено функционирање на здравствениот систем, голем број граѓани со месеци не можат да дојдат до термин за одреден специјалист или операција поради ограничениот број прегледи и интервении заради Короната.

- Секоја клиника, секој одел го организира денот за работа врз основа на состојбата која ја добива како заклучоци од Комисијата за заразни болести во која има претставници од секое ниво на сите здравствени установи за да можеме тие информации и одлуки да ги пренесеме во нашите институции, рече Сали.

Според министерот за здарвство земјава е на граница помеѓу жолта и зелена зона која дозволува олсенување на мерките. Дали ќе има укинување на дел од рестрикциите ќе одлучува Комисијата за заразни болести во среда.