Македонија
18. March 2022 - 16:33

Лицата со попреченост бараат државата да им обезбеди еднакви услови за средно образование

Студентите со попреченост ќе бидат ослободени од плаќање партиципација. Ваква уредба донесе Владата на иницијатива на Националното координативно тело за спроведување на Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост. 

Ослободени од партиципација се и лицата кои се на на магистерски и докторски студии на државните универзитети. Партиципација нема да плаќаат и децата без родители, невработените родители на деца и лицата со статус воени инвалиди. 

Од движењето против хендикеп „Полио Плус“ ја поздравуваат ваквата Владина одлука, но сметаат дека е потребно да биде пропратена со сет на други мерки и државата да работи на промовирање инклузивно образование не само во основно туку и во средно и затоа многу мал број на лица со попреченост студираат.

-Бидејќи ние имаме се уште за жал сегрегиран дискриминаторски образовен систем каде граѓаните со хендикеп поради самите физички препреки не можат да се запишат во редовните образовни институции, а средното е целосно сегрегирано од старт државата посочува што и кое лице и со каква состојба на хендикеп што ќе учи. Тоа автоматски придонесува послабо вклучување на лицата со хендикеп во академската заедница, изјави Елена Кочоска од Полио Плус, движење против хендикеп.

Според Кочоска факултетите и понатаму целосно не се пристапни и физички и информатички за голем дел од лицата со попреченост. Од Полио Плус потенцираат дека е неопходно државата да работи на промена на јавната свест бидејќи општата перцепција е дека младите со хендикеп не може да студираат тоа што сакаат.