Светска банка предвидува лоша економска година поради војната во Украина
Економскиот раст ќе забави, инфлацијата ќе расте, долгот ќе се зголемува.
Светска банка во најновиот Извештај прогнозира дека војната во Украина и санкциите кон Русија силно ќе ги погодат економиите во светот, вклучувајќи ја и Македонија.
Од ланската проекции за 3,7% раст, сега банката прогнозира БДП да порасне 2,7 отсто. Ако војната потрае – проекциите ќе се влошат, надворешната побарувачка ќе се намали, цените на стоките и енергенсите ќе растат, инвестициите ќе доцнат.
-Ова сценарио, би резултирало со уште понизок раст и пониски приходи, како и зголемени барања за фискална поддршка и пораст во трошоците за финансирање, пишува во Извештајот.
Според Светска банка, инфлацијата годинава ќе достигне 5,5%. Цените ќе продолжат да растат, трошоците за живот ќе бидат повисоки, а ударот најмногу ќе го почувствуваат најсиромашните.
Ќе се зголемува и јавниот долг, кој би достигнал 62%, а во следните 2 години ќе надмине 64 отсто од БДП.
Препораките се Владата да внимава – посебно со фискалните транфери, ненаменски субвенции, широки даночни ослободувања, чести промени на пензиската политика со фискални импликации кои се неодржливи и можат да ја нарушат макроекономската стаболност. Внимателност е потребна и кај јавните финансии.
Лоши прогнози Светска банка има за сите земји, а најдраматични се за Украина, чија економија ќе се преполови, односно БДП ќе се намали за 45%.
Вкупната економија, во земјите од Европа и Централна Азија ќе забележи раст од 4,1%, што е двојно помалку од рецесијата по корона пандемијата.
-

Наташа Мерсовска
Сите содржини од овој новинар
