Бизнис
3. јуни 2022 - 16:38

Битиќи апелира инспектори да ги казнуваат трговците за високите цени, инспекциите велат дека се ненадлежни

Вицепремиерот Битиќи ја повика Пазарна да ги контролира трговците зошто продаваат со толкава маржа. Од Пазарна велат – не сме надлежни. Битиќи смета дека трговците се служат со манипулации и за 3 дена ги зголемиле цените за 20%, што според него е некоректно, затоа што производствена цена им била драстично пониска.

„Со особен интерес ги следниме цените во последните три дена на слободниот пазар и има некоректно, неетичко и неморално однесување на одредени компании кон зголемувањето на цените, што ќе наиде на одговор на институциите.. Не може цената да порасне за 24 часа за 20 посто, кога производствената цена не пораснала за 20 отсто во тие 24 часа. Тоа е една одредена манипулација кон нашите граѓани и затоа соодветно ќе реагираат инспекциските служби од кои очекувам извештај“, реагира Битиќи.

Во пазарна економија трговците сами ја одредуваат маржата, велат од инспекторатот.  Кога заработката не е ограничена од страна на владата – моќта на пазарната инспекција е ограничена.  

„Државниот Пазарен Инспекторат соглaсно законот не е недлежен да ги контролира маржите. Во пазарна економија трговците слободно си ги формираат цените. Ние сме надлежни во делот на евиденција, односно дали изложените цени се во согласност со Правилникот, односно со евидентираните во книговодствената евиденција“, изјави Анета Симеска, директор на Државниот Пазарен Инспекторат.

Откако престанаа да важат антикрзините мерки, граѓаните се сведоци на енормни зголемувања на цените на основните прехранбени прозводи. Млекото, оризот, лебот, јајцата, брашното и маслото за јадење се продаваат по повиски цени од 3 до 20 денари, во зависност од производот и маркетот.  Владата најави нов пакет мерки, но по усвојување на ребалансот на буџетот.