Македонија
12. October 2022 - 16:36

Вакцините на Модерна ќе завршат на Дрисла

Речиси целата донација околу 100.000 вакцини на Модерна против Ковид од Хрватска ќе завршат во печките во Дрисла. Рокот им истекува за 10 дена, а неделно во вакциналните пунктови во државата се аплицираат само по 100-тина дози.

Овие вакцини во земјава беа донесени во август, а според извештајот од Институтот за јавно здравје, досега се искористени само 596 дози.

Последниот извештај на ИЈЗ покажува дека минатата недела се вакцинирале 108 граѓани, од нив само 11 прв пат, а 4-та доза примиле 40 лица.

Покрај вакцините на Модерна, во моментот во земајава се користат и оние од Фајзер околу 250.000 чиј рок е до Нова година, информираат од министерството за здравство и најавуваат нови вакцини кои ќе штитат од омикрон сојот.

- Во моментот сме во преговори за обезбедување на вакцините против омикрон, а јавноста навремено ќе биде информирана по прецизирањето на останатите аспекти и наредните чекори.Вакцините кои се користат во моментот се сигурни и безбедни, со добар рок на траење, велат од МЗ.

Досега поради истечен рок повлечени се околу половина милион дози, дел од нив исто така беа донации, но нивното уништување чини пари. Согорување на 1 килограм медицински отпад во Дрисла изнесува 45 денари плус ДДВ.