Владата го усвои предлог буџетот за следната година
Владата до година планира да потроши рекордни 5,3 милијарди евра. Во државната каса од даноци, придонеси, акцизи и други давачки очекува да собере 4,6 милијарди евра, што значи ќе недостасуваат 700 милиони евра за сервисирање на тековните обврски.
За враќање на стари долгови пак, следната година стигаат уште 800 милиони. Ова значи дека ќе бидат потребни 1,5 милијарди евра, пари кои ќе се бараат со домашно и странско задолжување.
Најновата даночна реформа од 1 јануари ќе стартува, но нови даноци нема да се воведуваат, тврди министерот Бесими. Ќе се зголеми опфатот на производи кои ќе се даночат. Нема одлука дали прогресивниот данок, кој беше одложен до 2023 та - ќе стапи на сила. Првата половина од годината, данокот на сметките за струја од 10 отсто ќе остане на сила.
Во предлог буџетот растот на економијата е проектиран на 2,9%, кој ќе го предводат капиталните инвестиции, за кои се издвоени 795 милиони евра. Инфлацијата се очекува да достигне 7,1 отсто.
Инаку, во предлог буџетот има издвоено повеќе пари за плати во админситрацијата, согалсно усогласувањето од март, кога треба да се зголеми минималецот за 10%.
За опозицијата, вака скроениот буџет е најгломазен, и значи колапс за земјава. Дефицитот е надвор од сите рамки на одржливост и е опасност за економијата. Според нив, предлог буџетот е скроен за некононтролирано трошење на власта и без план како да се справи со инфлацијата, која е помеѓу најголемите во Европа.
-

Наташа Мерсовска
Сите содржини од овој новинар
