Македонија
8. January 2023 - 16:40

Примената на законот за ограничување на движењето на возилата кои загадуваат и повисоки такси доцни веќе 2 години

Возилата кои најмногу загадуваат и натаму слободно се движат кога е енормно загадено и плаќаат исти трошоци при регистрација. Најавената категоризација на автомобилите, која требаше да стапи на сила од јануари 2021, се уште го чека Правилникот од Министерството за економијата. Но министерот за животна средина вели дека мерки против аерозагадувањето мора да има, затоа ќе побара од ресорниот министер Бектеши да се забрза постапката и за неколку месеци да почне да се применува законот.

- Мора да го имаме од оваа година,  затоа што аерозагадувањето во зима е превисоко. Тие кои се постари, нееколошки возила, нема да можат да се движат од една во друга општина. Ние како држава мора да најдеме начин да го намалиме загадувамњето и да размислиме со министерство за финансии и економија какви  субвенции  да има за граѓаните да ги заменат старите возила, изјави Насер Нуредини, министер за животна средина.

Во законот се предвидува, секое возило при регистрација да добие еколошка лепанка во зелена, жолта или црвена боја, во зависност колку загадува. Кога е премногу загадено, возилата со црвена налепница не смеат да сообраќаат. Налепницата најверојатно ќе се плаќа 600 денари, а министерот Нуредини вели дека ќе бара и од станиците за технички преглед на бидат построги.

- Идејата е како да се намали аерозагадувањето и во иднина мора да размислиме да воведеме забрана за увоз на возила кои се под Еуро 5 стандардот. Исто така и станиците за технички преглед треба да бидат построги и да ги забранат тие возила кои не се прифатливи, додава Нуредини.

И додека кај нас се чека 4 години економија да го подготви правилникот, каде е пропишана постапката, содржината и начинот на поставување на еколошката налепница, Европската Комисија предложи нова регулатива со нови правила за намалување на штетните издувни гасови од возилата наречен ЕУРО 7. Сите возила, без разлика дали се бензин, дизел или на електреичен погон кои ќе влезат на пазарот на Унијата ќе мора да имаат нула емисии на јаглероден диоксид од 2035 година.